Германската ракометна репрезентација ја започна главната фаза на ЕП 2026 со победа над Португалија, а драматичниот финиш беше крунисан со жестоки реакции од таборот на поразената репрезентација.
Германците постигнаа контроверзен гол за конечни 32:30, па иако селекторот Пауло Переира бараше видео проверка за да се поништи голот, судиите и официјалните лица одбија такво сценарио и го прогласија натпреварот за завршен.
Переира знае дека понекогаш гол-разликата може да биде одлучувачка во битката за што подобра позиција во толку силна група, но не успеа да добие проверка и поништување на голот.
– Последниот гол на Германците беше нерегуларен. Мора да го кажам тоа и се надевам дека нема да ни донесе проблем на завршната табела, – рекол Переира.
Европската ракометна федерација со официјално соопштение потврди дека голот на Германците бил нерегуларен, бидејќи двајца ракометари го поминале центарот пред да биде изведен ударот по постигнатиот гол на противникот.
Сепак, во објаснувањето на ЕХФ стои дека видео проверката не била достапна во ваква ситуација, затоа што според правилата овој прекршок не носи промена на екипата во напад, односно Германците само би биле вратени да го изведат ударот со сите ракометари зад централната линија.
– Во согласност со Правилникот за видео проверки на ИХФ, оваа ситуација не активираше обврска за прегледување, бидејќи не спаѓа во одредбите од ситуацијата бр. 9 од Правилникот за видео проверки (Ситуации што го менуваат текот на натпреварот), што вклучува одлуки за доделување пенал, дисциплински казни или одлуки што можат да доведат до промена на поседот на топката, – стои во соопштението на ЕХФ.









