Ако вашиот ТикТок одеднаш е преполн со снимки од луѓе како варат јаболка и пијат само топла вода не сте единствените.
Станува збор за тренд кој се нарекува „стани Кинез“, а всушност се сведува на преземање пријатни, зимски навики инспирирани од традиционална кинеска култура.
Што всушност значи „да се стане Кинез“
Овој вирален тренд нема поврзаност со националниот идентитет, туку со животните навики – луѓето на шега велат дека „стануваат Кинези“ откако ќе почнат да усвојуваат навики кои често се среќаваат кај кинеските креатори. Во тие навики спаѓаат пиење топла вода наместо ледени пијалаци, посветување повеќе внимание на дигестијата и општо побавен, помирен ритам, особено во зима.
Трендот го популаризирале кинески креатори кои ги споделувале своите дневни рутини – од сезонска исхрана до традиционални здравствени практики. Набргу почнале да ги копираат и други тиктокери кои не се Кинези, со коментар дека и тие „влегуваат во своја кинеска ера“.
Почитување, а не присвојување
За разлика од бројни трендови кои завршуваат со расправија за присвојување, овој главно е пречекан позитивно – токму затоа што го промовираат кинески креатори и затоа што акцентот е на учењето и почитувањето.
Корисниците често истакнуваат дека не станува збор за „ребрендирање“ на туѓа култура, туку за тоа дека едни отворено ги споделуваат своите обичаи, а другите ги преземаат бидејќи им имаат смисла.
Како да влезете во своја „кинеска“ ера?
Ако ви се допаѓа трендот, еве како и вие да влезете во своја „кинеска“ ера:
Избегнувајте ледени пијалаци. Во традиционалните објаснувања често се вели дека ладната вода може да го попречи варењето на храната, па затоа се преферира топла вода.
Зимата како „јин“ период. Според тоа зимата е период на забавување – повеќе одмор, помалку форсирање и повеќе топли оброци како чорби и јадења на „лажица“, а помалку сирова храна.
Јадете варени јаболка. Луѓето честопати ги подготвуваат со гоџи бобинки и „црвени урми“ (кинески урми), претставувајќи ги како добри за варењето.
Чувајте ја енергијата. Во пракса тоа значи помалку интензивни тренинзи, а повеќе јога, сон и релаксирање.
Не чекорете боси по ладен под, особено во зима.
Во суштина, трендот „стани Кинез“ промовира една едноставна идеја – забавете, слушајте го вашето тело и создадете мали, топли ритуали што ви одговараат. Повеќе топлина, повеќе одмор и малку нежност кон себе.










