Мексиканската тенисерка Рената Сарасуа стана глобално позната речиси преку ноќ, но не исклучиво поради своите потези на теренот.
Во пресрет на Австралијан опен, првиот Гренд слем турнир во сезоната, нејзиното име одекна во светските медиуми откако на социјалните мрежи објави фотографија која многумина ги остави без здив и поттикна расправа за екстремните услови во професионалниот спорт.
По пристигнувањето во Мелбурн и настапот на подготвителниот турнир „Hobart International“ во Тасманија, Сарасуа на болен начин ја почувствувала силата на австралиското сонце. На својот Инстаграм профил сподели фотографија на која позирала со грбот свртен кон огледалото, откривајќи тешки изгореници по рамената и грбот. До фотографијата кратко напишала: „Австралиското сонце не е шега“.

Објавата брзо стана вест, а медиумите ширум светот ја пренесоа приказната за „хорор-изгорениците“ на тениската ѕвезда. Инцидентот ги истакна предизвиците со кои се соочуваат спортистите во Австралија, каде температурите неретко надминуваат 40 степени Целзиусови. Иако болките беа очигледни, Сарасуа покажала решителност, порачувајќи дека е фокусирана на натпреварите и дека ќе продолжи со натпреварувањето.

Иако инцидентот со изгорениците ја популаризирал, Рената Сарасуа многу пред тоа си обезбедила место во историјата на мексиканскиот тенис. Таа е првата Мексиканка која успеала да се пробие меѓу 100-те најдобри тенисерки во светот – и во поединечна конкуренција и во двојки. Нејзиниот најголем момент во кариерата се случил минатиот август на ЈУ-ЕС Опен, кога ја направила една од најголемите сензации на турнирот.

Во првото коло ја победила Американката Медисон Кис, тогаш шеста тенисерка во светот и актуелна победничка на Австралијан опен. Со таа победа станала првата Мексиканка од 1995 година што на Гренд слем турнир совладала противничка од топ 10. Тоа беше подвиг што одекна во тенискиот свет и го потврди нејзиниот талент.

Но, зад таа голема победа се криела драма за која тенисерката подоцна отворено проговорила. Притисокот и нервозата биле толку силни што помислувала да се откаже од излегување на терен.
„Се колнам, не знам што ми се случи тој ден! Бев толку нервозна пред да излезам на терен. Се разбудив и едноставно имав порив да плачам“, признала таа. Како што рекла, почувствувала страв од излегување на терен — нешто што никогаш претходно не ѝ се случило.

„Беше речиси како да се плашам да излезам на терен. Си помислив: како е ова возможно? Тоа е она што сакам да го правам. Разговарав со мајка ми и речиси плачев. Ѝ реков дека воопшто не сакам да излезам на терен“. Советот на мајка ѝ бил клучен. „Ми рече: ‘Мораш да бидеш професионалка каква што си. Мораш да излезеш и да го дадеш најдоброто од себе’. И така направив, но беше многу тешко да излезам на терен“, раскажала Сарасуа.
Љубовта кон тенисот во семејството Сарасуа има долга традиција. Братот на нејзиниот дедо, Висенте Сарасуа, исто така бил професионален тенисер, а на Олимписките игри во Мексико Сити во 1968 година освоил златни медали во егзибициски двојки. Денес тренер на Рената е нејзиниот постар брат Патрисио, што сведочи за силната семејна поврзаност.
Надвор од теренот, Рената води помирен живот. Во април 2026 година планира венчавка со долгогодишниот партнер Хавиер Диес. Иако често патува, успева да ги балансира барањата на професионалната кариера и приватните обврски.
Како единствена претставничка на Средна Америка во главните ждребови на најголемите турнири, таа ги носи надежите на целиот регион, а нејзината упорност и искреност ја прават една од најинтересните фигури во светот на тенисот.










