Исходот од големото дерби меѓу Интер и Милан не менува многу работи на табелата, но во преостанатите десет рунди сигурно голема игра во битката за титулата ќе има психолошкиот аспект кој сега може да биде на страна на „росонерите“.
Милан вторпат го победи Интер оваа сезона и покажа дека има решение за големиот градски ривал, а истовремено ја намали разликата на „минус седум“ во ситуација кога до крајот на сезоната има уште точно десет рунди.
Трката за титулата би можела да добие сериозен заплет доколку Интер забележи уште некој кикс во следните рунди, па во фаза кога секој следен меч ќе има значење на финале, Фабио Капело ги предупреди „нераѕурите“ и посети на неговиот добро познат пример од Реал Мадрид.
– Интер сè уште има голема предност, но до крајот на сезоната ќе пресуди психолошкиот аспект. Интер има многу варијации во играта во последно време. На моменти игра премногу бавно и предвидливо, а тоа им овозможува на ривалите да ја искористат таа слабост.
– Реално гледано, Милан има подобар распоред до крајот на сезоната, па не гледам зошто не би се обиделе да стигнат до првото место и да го освојат Скудетото. Не заборавајте дека мојот Реал Мадрид надокнади девет бода негатива со Барселона, тоа се случи поради опуштање кај ривалот поради големата предност која ја имаа на хартија, – предупредува Капело.








