Најпотресниот дел од нејзината приказна сега за првпат јасно е раскажан во серијата на „Netflix“, „Fabrizio Corona: io sono notizia“. Во една од најшокантните сцени, Нина Мориќ пред камерите ја изговара реченицата што ја замрзнува крвта во вените.
Нина Мориќ, родена загрепчанка и крунисана како Мис на Хрватска во средината на 90-те, влезе во модниот свет во момент кога домашната сцена сè уште срамежливо погледнуваше кон светот.
Спотот на Рики Мартин „Livin' La Vida Loca“ ја лансираше во орбитата, а Милано стана новата адреса од која го градеше имиџот на femme fatale – совршено тело, егзотични црти на лицето и аура на недопирлива ѕвезда. Во тој свет имаше многу малку место за слабост, каење или сомнеж, а токму тоа, како што ќе се покаже години подоцна, ќе стане нејзината најголема внатрешна битка.

Во Италија брзо ги освои насловните страници, модните снимања и телевизиските ангажмани, но исто толку брзо во нејзиниот живот влезе и Фабрицио Корона, самопрогласениот „крал на папараците“. Страсната врска се претвори во брак, добија дете и запаѓаа во бескрајни јавни расправии. Форумите и таблоидите ја опишуваа како заводничка, фатална Хрватка, жена која „знае што сака“, но зад кулисите се одвивала многу помрачна приказна. Мориќ поминувала низ емоционално насилство, рушење на самодовербата и постепено губење контрола над сопственото тело и идентитет.
Најпотресниот дел од таа приказна сега за првпат јасно е раскажан во серијата „Fabrizio Corona: io sono notizia“ на „Netflix“. Во една од најшокантните сцени Нина пред камерите ја изговара реченицата што ја замрзнува крвта во вените:
„Убив две деца“ – зборувајќи за прекинот на близначка бременост за време на врската со Корона, одлука што ја донеле заедно, но за која, како што денес признава, чувствува дека тој ја турнал преку работ.
„Тој го сакаше тоа, но јас го послушав. Сакав да ме запре“, вели таа, опишувајќи како вината останала исклучиво на нејзините плеќи, додека Корона во истиот документарец ладно ја признава како епизода што не го прогонува, туку го мотивирала опсесивно да се збогати.
Откриено е и дека Корона на децата кои ги очекувале веќе им имал дадено имиња, иако знаел дека бременоста нема да продолжи. Тој детаљ, тврди Нина, „ја направил нејзината болка речиси неподнослива и оставил длабока трага врз нејзиното ментално здравје“.
Паралелно со емоционалните крахови, Нина почнала да го менува лицето. Естетска хирургија, филери, ботокс, зафати кои на почетокот изгледале како логично продолжение на животот во модниот свет, постепено ја претворале во сопствена карикатура. Италијанските медиуми ја нарекоа „мртва невеста“, споредувајќи ја со ликот од анимираниот филм, а таа без задршка признала дека зад сè стои партнер кој систематски ѝ ја рушел самодовербата.

„Фабрицио ми наби комплекси за физичкиот изглед, затоа толку пати се подложував на операции“, рекла таа во една од ретките изјави за медиумите.
На сè тоа се надоврзала и битката за синот Карлос, кој по разводот му припаднал на таткото. Со години го гледала под надзор, поминувала тестирања за дрога и психијатриски вештачења, додека јавноста го анализирала секој нејзин естетски зафат, а ретко кој се прашувал што ѝ е навистина потребно на таа жена. Во еден момент и синот јавно се свртел против неа:
„Ми рече дека нема да биде со мене поради бабата која зборува многу лошо за мене. Морав да одам на тест за дрога и ми исекоа 20 центиметри коса. Ја презирам дрогата и резултатите беа негативни. Морав да одам и на психијатриско вештачење две години и таму заклучија дека сум прекрасна мајка, но тоа никој не го зеде предвид“, изјави Мориќ своевремено за „24 sata“.

Карлос подоцна го сменил мислењето и повторно ѝ се приближил, а Нина денес тврди дека синот ѝ е „светлина во животот“.
„Сакам моите дела да зборуваат наместо мене. Мојот син е мојата светлина во животот“, раскажа загрепчанката која со години живее во Милано. По итна операција во летото 2023 година се повлече од јавноста, почна да слика и најави дека повеќе не сака да зборува за приватниот живот.
„Ми требаа мир и тишина за да се посветам на себе. Имав тежок период во животот, но од друга страна беше убаво“, изјави таа за италијанските медиуми.

Приказната на Нина Мориќ, од девојка која ја претставуваше хрватската убавина во најдобро светло до жена која денес ја опишуваат како „мртва невеста“, е потсетник колку лесно јавноста ги голта туѓите трауми како забава. „Netflix“ документарецот за Корона и нејзината исповед во него не служат за уште една сензационализација на нејзиниот пад, туку за конечно јасно да се види колку тенко било тлото по кое чекорела додека целиот свет гледал само во нејзиното лице.
















