По црвениот килим на Златните глобуси, меѓу другите се прошетал и Марк Рафало, актер кој инаку секогаш отворено зборува за своите политички ставови.
Така и овојпат упатил тешки зборови кон американскиот претседател Доналд Трамп.
Имено Рафало на сакото носел беџ на кој пишувало „Be good“ („Биди добар“), па репортерите таму го прашале што значи тоа. Тој објаснил дека го носи во чест на Рене Никол Гуд, која минатата недела била застрелана и убиена од агент на американската Служба за имиграција и царина (ICE).
„Ова е за Рене Никол Гуд, која беше убиена“, им кажал Рафало на новинарите. Тој ја објаснил својата вознемиреност од моменталната ситуација во САД, напомнувајќи: „Имаме потпретседател кој лаже за тоа што се случува. Ние сме насреде војна со Венецуела, која нелегално ја нападнавме“.
Потоа се осврнал и на претседателот: „Тој му кажува на светот дека меѓународното право не му е важно. Единствено што му е важно е неговиот сопствен морал, но тој тип е осуден криминалец; осуден силувач. Тој е педофил. Тој е најлошото човечко суштество на светот. Ако се потпираме на моралот на овој тип за најмоќната земја на светот, тогаш сите сме во голема неволја“.

Инаку уште неколку славни личности носеле ист беџ на црвениот килим, како Ванда Сајкс, а Рафало објаснил дека беџот е подеднакво посветен и на починатата Рене и на „луѓето во Соединетите Држави кои денес се тероризирани и исплашени“. Актерот додал: „Знам дека и јас сум еден од нив. Ја сакам оваа земја. И она што гледам дека тука се случува не е Америка“.

Тој потврдил дека повеќе би сакал да присуствува на гламурозното доделување на награди и да се преправа дека ништо не се случува. „Сакам да бидам тука за да славам и тука сум да славам и горд сум што имам номинација за Златен глобус, но ова веќе не е нормално. Затоа не знам како би можел да молчам“, рекол актерот, кој бил номиниран за серијата „Task“.









