Наполи останува максимално компетитивен и во ситуација кога остана без клучни играчи во првиот тим, а најдобар доказ за тоа е вчерашното дерби во Милано на кое избегна пораз од Интер.
Тимот на Антонио Конте во два наврати се враќаше и Скот МекТоминеј прерасна во јунак на мечот со своите два погодоци, па токму Шкотланѓанецот имаше право на збор по крајот на мечот кој заврши 2:2.
Најдобриот играч во Серија А за минатата сезона имаше големи пофалби за Елмас и своите соиграчи, од едноставна причина што според него прават натчовечки напори за да го дадат најдоброто во период кога играат на речиси секои три дена.
– Цело време бевме во мечот и знаевме дека можеме да направиме нешто. Честитки до сите мои соиграчи, навистина даваат сè што имаат. Ги немаме Ангиса, Лукаку, Гилмор, Де Брујне, Рахмани и Нерес, тоа е исто како Интер во тимот да ги нема Лаутаро, Тирам, Барела и Чалханоглу. Замислете го Интер без тие играчи….
– Приморани сме на секој меч да притискаме со истите играчи, па затоа сакам да им дадам огромна пофалба на моите соиграчи. Стручниот штаб прави сè како што треба за најдобра подготовка, едноставно терминот „откажување“ не постои во овој клуб, – изјави МекТоминеј.







