[ВИДЕО] Спуштија камера на 250 метри длабочина и снимија џиновски монструм: Глетката ги шокираше и научниците!

Точка

09/01/2026

16:06

2.733

Големина на фонт

а а а

Научници кои ги истражуваат длабочините на океанот забележаа ретка и исклучително необична глетка за време на експедиција во јужниот Атлантик, во водите недалеку од брегот на Аргентина.

Снимката е направена во моментот кога далечински управувано возило (ROV) се спуштало во речиси целосен мрак, кон ѕидовите на еден подводен кањон.

Исклучително ретки сцени

Како што роботот се спуштал сè подлабоко, рефлекторите осветлиле огромна силуета која бавно се движела низ водата. Нејзиното движење речиси ги хипнотизирало истражувачите. Камерата забележала лесно пулсирање, тивко виткање и целосно отсуство на нагли движења.

Вакви сцени во длабокото море се регистрираат исклучително ретко, дури и со современата технологија, а некои видови во текот на повеќе од еден век биле забележани само неколку десетици пати.

Дури на длабочина од 253 метри станало јасно за какво суштество станува збор – научниците снимија џиновска медуза (Stygiomedusa gigantea), едно од најмистериозните суштества во светските океани.


Огромни четири краци

Ова суштество првпат било откриено во 1899 година, но и понатаму е меѓу најслабо проучените организми на длабокото море. Досега е документирано околу стотина пати, додека на видео-снимки е забележано само десетина пати ширум светот.

Димензиите на оваа медуза се вчудовидувачки – нејзините четири долги краци можат да достигнат повеќе од 10 метри (!), додека телото надминува еден метар во дијаметар, пренесува „Daily Mail“.

Токму тие долги краци, кои на снимката јасно се издигнуваат над телото, се сметаат за главното средство за фаќање плен.

Иако може да живее од површината на океанот па сè до длабочини од околу 6.600 метри, овој вид најчесто се задржува во таканаречената „зона на самрак“, каде сончевата светлина речиси целосно исчезнува.


Драгоцен прозорец кон непознат свет

Се претпоставува дека медузата се храни со планктон и ситни риби, но научниците нагласуваат дека за нејзиниот начин на живот и опстанок се знае многу малку.

Посебно внимание привлекуваат претходни набљудувања од Мексиканскиот Залив, кои укажуваат на можноста овие огромни медузи за време на ловот да користат подводни структури како „потпора“. Во таков случај, нејзините краци би останале слободни за фаќање храна, иако ваквото однесување никогаш не било директно документирано.

Пред појавата на подводните роботи, проучувањето на вакви организми било речиси невозможно. Кога би била извлечена на површината со мрежи, оваа медуза го губела својот облик и се претворала во желатинозна маса, со што исчезнувала секоја можност за детално истражување.

Иако првиот примерок бил пронајден пред 127 години, на научниците им биле потребни дури 60 години за да ја препознаат како сосема нов вид. Денес, секоја нова снимка претставува драгоцен прозорец во светот на еден од најголемите и најмистериозни предатори на длабокото море.