Поранешен девелопер од „Rockstar“ зборуваше за цената на „GTA 6“

Точка

26/12/2025

21:45

305

Големина на фонт

а а а

Не се очекува „Rockstar“ да биде алчен кога станува збор за цената на основната верзија на играта.

Шпекулациите дека „Grand Theft Auto VI“ би можел да стане најскапата видеоигра во историјата, со цена и до 100 долари, повторно дојдоа во фокусот на јавноста. Сепак, според мислењето на поранешен вработен во „Rockstar Games“, ваквото сценарио е малку веројатно.

Мајк Јорк, поранешен аниматор кој работел на „GTA 5“ и „GTA Online“, изјави дека не очекува „Rockstar“ да биде алчен кога е во прашање цената на основната верзија на играта. Според него, компанијата нема потреба драстично да ја зголемува цената, бидејќи „GTA 6“ ќе оствари огромен комерцијален успех без разлика на тоа.


„Стандардната цена од околу 70 долари за „AAA“ наслови и понатаму има најмногу смисла“, смета Јорк, додавајќи дека сè над таа граница би можело да предизвика негативни реакции кај дел од заедницата.

Тој, сепак, не ја исклучува можноста „Rockstar“ да понуди поскапа специјална или „pre-order“ едиција, која би можела да чини околу 99 долари и да вклучува дополнителна содржина или бонуси, но нагласува дека тоа не треба да се меша со цената на основната игра.


Јорк се осврна и на развојот на играта, истакнувајќи дека не очекува ново одложување на излегувањето. Според актуелните информации, „GTA 6“ е планиран за ноември 2026 година, а развојниот тим, како што наведува, се наоѓа во фаза на завршно „полирање“.

Да потсетиме, „GTA 6“ е еден од најисчекуваните наслови во историјата на гејмингот, а „Rockstar“ сè уште официјално не ја потврдил цената, ниту деталите за различните изданија на играта.