[ВИДЕО] Прва снимка: Кинески „невидлив“ дрон каков што не постои на Западот

Точка

26/12/2025

20:21

659

Големина на фонт

а а а

Кина за првпат официјално го прикажа во лет својот дрон „CH-7“, футуристичко летало кое би можело да стане едно од најважните оружја за извидување и надзор во идните конфликти.

Новите снимки од државните медиуми јасно покажуваат дека програмата влегува во напредна фаза и дека Пекинг сака на светот да му демонстрира брз напредок во развојот на „невидливи“ беспилотни системи. Видеоматеријалот го прикажува „CH-7“ за време на подготовка, полетување и слетување, како и воздушни кадри, што претставува невообичаено отворен пристап за кинески воени проекти од ваков тип.

Леталото е тестирано на аеродромот Пученг во провинцијата Шанси, кој сè повеќе се профилира како главен кинески центар за тестирање напредни дронови. Истиот објект неодамна беше користен и за првиот лет на џиновскиот млазен дрон Ѓиутијан, пренесува сајтот „The War Zone“.

Може да се забележи дека „CH-7“ го задржува препознатливиот изглед со жолт заштитен премаз, карактеристичен за тест-примероците, како и низа сензори и антени долж трупот.

Посебно внимание е посветено на намалување на радарскиот и инфрацрвениот одраз – издувниот канал на моторот е речиси целосно скриен, додека рабовите на панелите и вратите се назабени со цел да се намали рефлексијата. Во претходните фази од тестирањето дронот користел и вертикални стабилизатори, кои подоцна биле отстранети.


Иако претходно се претпоставуваше дека „CH-7“ располага со значителен внатрешен простор за вооружување, новите снимки не даваат јасни докази за голем борбен капацитет.

Постојат индиции за долги, но тесни внатрешни простори, што би можело да овозможи носење помало вооружување. Поради тоа, се чини дека примарната улога на леталото сепак е извидување, надзор и прибирање разузнавачки податоци, додека нападните мисии би имале секундарно значење.


Според претходно објавените податоци, „CH-7“ има должина од околу 10 метри, максимална полетна маса од 10 тони, максимална брзина близу 930 километри на час и автономија на лет до 15 часа.

Развиен е во рамки на државната корпорација „CASC“ и е проектиран за операции на големи височини, вклучително и продор во непријателски воздушен простор. Ваквиот профил го прави особено релевантен за надзор на Пацификот, Јужното Кинеско Море и чувствителните погранични области.


Интересно е и тоа што „CH-7“, според сè изгледа, е планиран и за извоз. Доколку тоа се реализира, Кина би можела на странските купувачи да им понуди дрон каков што во моментов не постои на западниот пазар, и тоа без политичките ограничувања карактеристични за американската воена технологија.