Регрутерката и експертка за вработување, Џо Ноулер, спровела необичен експеримент за да ја провери теоријата дека алгоритмот на популарната деловна мрежа „LinkedIn“ систематски ја намалува видливоста на објавите од жени.
На една недела Џо ги сменила заменките на својот профил од „таа/нејзина“ во „тој/негов“, приклучувајќи им се на бројни кориснички кои се сомневаат дека нивната содржина е потисната по неодамнешните промени на платформата. Незадоволството порасна до таа мера што беше покрената и петиција на „Change.org“ која повикува на „праведна видливост за сите“, пишува „Tyla“.
Една недела како „маж“
Иако промената на заменките не влијаела драстично врз нејзината статистика, Џо дошла до интересни заклучоци. Своите заклучоци ги споделила во објава на „LinkedIn“.
„Минатата недела ги сменив моите „LinkedIn“ заменки во „тој/негов“, откако ги видов дискусиите за можно потиснување на содржината од жени. Одлучив сама да го тестирам тоа, објавувајќи колку што е можно подоследно во текот на една недела“, напиша Џо.

„По седум дена, не можам да пронајдам никаква забележлива промена во мојата аналитика. Фреквенцијата на објавување, тонот и темите останаа приближно исти, но секако, ова не е совршен контролен тест“, појасни таа, додавајќи ја сопствената теорија: „Врз основа на овој краток експеримент, се сомневам дека проблемот можеби не е во тоа кој пишува, туку во тоа што се пишува. Можно е објавите на повеќе ‘женски ориентирани’ теми да имаат помала видливост, без разлика на полот на авторот“.
Проблемот е во темата, а не во полот?
Џо често објавува за својот син и за усогласувањето на семејниот живот со работата, што ги смета за „женски ориентирани“ теми. „Имам голем број следбеници, па никогаш навистина не сум го доведувала во прашање ангажманот што го добивам, но постојано гледав сè повеќе луѓе кои велеа ‘бидејќи сум жена, луѓето не ја гледаат мојата содржина’“, изјави таа.
Додаде дека за време на експериментот се обидела да биде доследна во темите и во зачестеноста на објавите. „Не видов никакво влијание, но повторно, таа недела не зборував за мојот син и за градинките, ниту за нешто слично“.
„Доказ дека нè замолчуваат“
Сепак, искуството на Деирде О’Нил, соосновачка на компанијата „Hertility“, специјализирана за тестирање на плодност и хормони, е значително поинакво. Таа со месеци тврди дека разговорите за женското здравје на платформата систематски се кријат.
„Доказ дека нè замолчуваат – вчера објавив за тоа дека ‘LinkedIn’ ја брише или потиснува содржината на ‘Hertility’, а денес ‘LinkedIn’ ја избриша. Подобра метафора не би можеле да напишете“, сподели таа неодамна. „Над 3.000 луѓе реагираа, над 300 споделија и имаше повеќе од 300 коментари. Сè исчезна. Ова е токму пристрасноста против која се бориме и нема да застанеме. Продолжете да зборувате. Алгоритмот не може да замолчи едно движење“.
Моќта на „машкиот“ јазик и вештачката интелигенција
Џо се прашува и дали порастот на вештачката интелигенција влијае врз алгоритмот. Постои теорија дека мажите кои користат одредени деловни термини стануваат повидливи на платформата. Тоа на сопствениот профил реши да го тестира Меган Корниш.

За „Guardian“ раскажа дека најпрво го сменила својот пол во машки, а потоа побарала од „ChatGPT“ да го преработи нејзиниот профил користејќи „машки кодиран“ јазик. Потоа ја замолила вештачката интелигенција да преработи и некои од нејзините постари објави кои имале слаб досег.
Резултатите биле запрепастувачки – само една недела по промените, забележала зголемување на досегот од дури 400 проценти.
Што вели „LinkedIn“?
Соочен со обвинувањата, „LinkedIn“ се огласи на својот блог: „Нашиот алгоритам и системите за вештачка интелигенција не користат демографски информации (како возраст, раса или пол) како сигнал за одредување на видливоста на содржината, профилите или објавите во ‘Feed’-от. Нашите тимови за производ и инженеринг тестираа низа вакви објави и споредби и, иако различни објави добија различни нивоа на ангажман, утврдивме дека нивната дистрибуција не била под влијание на полот, заменките или која било друга демографска информација“.














