Претприемачот и мултимилијардер Илон Маск со својата објава за иднината обележана со вештачка интелигенција и роботи предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, вклучително и обвинувања дека таквата визија би можела да доведе до уништување на човештвото.
Маск на „X“ напиша: „Иднината ќе биде неверојатна, бидејќи вештачката интелигенција и роботите ќе овозможат одржливо изобилство за сите!“ Сепак, дел од јавноста на неговата порака реагираше со сериозна загриженост.
Набргу почнаа да се појавуваат коментари од корисници кои изразија страв од општествените последици од ваквиот развој. Еден од нив му порача: „Ќе го уништиш човештвото. Човечкиот дух ќе биде уништен кога вештачката интелигенција и роботиката ќе владеат со секој аспект од животот.“
The future is going to be AMAZING with AI and robots enabling sustainable ABUNDANCE for all!
— Elon Musk (@elonmusk) December 18, 2025
„Не ви ветуваат иднина“
Друг корисник додаде: „Вештачката интелигенција и роботите нема да ги плаќаат нашите хипотеки ниту медицинските сметки на нашите деца. Ниту индустријата за вештачка интелигенција. Ниту владата. ’Изобилството‘ во апстрактна смисла звучи убаво, но како точно тоа ќе се прелее врз обичните работнички семејства осиромашени поради губењето работни места од вештачката интелигенција?“
Третиот коментар беше уште помрачен: „Секогаш го користат зборот ’изобилство‘ непосредно пред да го заклучат кафезот. Не ви ветуваат иднина. Ви доделуваат простор за задржување со подобро осветлување.“ Четврти корисник иронично заклучи: „Сакам да верувам во тоа, но ги гледав сите филмови ’Terminator‘.“
Маск и претходно изнесуваше оптимистички прогнози за иднината, вклучително и тврдења дека сиромаштијата ќе исчезне и дека нема да има потреба од штедење. Таков став тој изнесе откако Реј Далио, основач на инвестициската куќа „Bridgewater Associates“, објави дека тој и сопругата планираат да уплатат по 250 долари на сметките на 300.000 деца вклучени во штедни програми за млади Американци, иницирани од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
There will be universal high income (not merely basic income).
— Elon Musk (@elonmusk) August 24, 2025
Everyone will have the best medical care, food, home, transport and everything else.
Sustainable abundance.
„Одржливо изобилство“
Коментирајќи ја таа иницијатива, Маск тогаш напиша: „Тоа е секако убав гест од семејството Дел, но во иднина нема да има сиромаштија и затоа нема да има потреба од штедење. Ќе постои универзален висок приход.“
Во претходни настапи, Маск објаснуваше дека ваквото сценарио го темели на брзиот развој на вештачката интелигенција и роботиката. Во август изјави дека интелигентните хуманоидни роботи еден ден бројчено ќе ги надминат луѓето.
Тој исто така на „X“ порача: „Ќе постои универзален висок приход (не само основен приход). Сите ќе имаат најдобра здравствена заштита, храна, дом, превоз и сè друго … Одржливо изобилство.“
Зборот „изобилство“ (анг. abundance) сè почесто се појавува во јавните истапи на Маск, но реакциите на неговите пораки покажуваат дека дел од јавноста ваквата иднина не ја доживува како ветување, туку како сериозна причина за загриженост.












