Спасовски: Македонските граѓани плаќаат најскап зелен картон во регионот

Макфакс

25/12/2025

19:26

211

Големина на фонт

а а а

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и пратеник, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашање до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во однос на високата цена на зелениот картон на автомобилите кој што им е потребен на граѓаните за патувања надвор од државата.

Прашањето се однесуваше на заштитата на трети лица и нивниот имот од последиците од сообраќајни незгоди, како сопственици на моторни возила кои се должни, согласно закон, да имаат осигурување при регистрација и технички преглед на возилата-односно внатрешно осигурување за територијата на државата. Спасовски посочи дека ова прашање го поставил и писмено уште на 12 февруари годинава, но од министерката до денес не добил одговор.

„Ова е прашање за кое и граѓаните на Македонија си го поставуваат како една од важните теми. Тоа се однесува на заштитата на трети лица и нивниот имот од последиците од сообраќајни незгоди, како сопственици на моторни возила кои се должни, согласно закон, да имаат осигурување при регистрација и технички преглед на возилата-односно внатрешно осигурување за територијата на државата.

Меѓутоа, постои и можност за сите оние што патуваат во странство, имаат обврска да обезбедат, односно да купат осигурување за странство или таканаречена зелена карта за осигурување. Тие не купуваат само меѓународна потврда за осигурување на возилото, туку прават проширување на осигурувањето со важност и за странство. Овој документ сè уште е неопходен за влез со моторни возила во која било држава во Европа која во моментот за патничките возила изнесува околу 5.500 денари со важност од една година.

Цената на зелениот картон во земјите од регионот е значително пониска од цената во Македонија, изнесуваат 5 или 10 евра, кои се плаќаат заедно со регистрацијата и при обезбедување на осигурителната полиса и за внатрешно осигурување. Моето прашање е дали се планира поинаков пристап во однос на обезбедувањето на зелениот картон, односно намалување на неговата цена, бидејќи постојат повеќе начини и механизми како да се дојде до намалување на цената на зелениот картон.

Ги имам сите анализи, како и законски измени во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, имаат посебни договори со еден од дел од државите, во кои може да се влегува со билатерални договори без зелен картон. Впрочем, Македонија има таков билатерален договор со Словенија,една од ретките држави каде што ниту македонските, ниту словенечките регистарски таблици имаат потреба да покажуваат зелена карта.

Затоа прашувам дали Владата, односно Министерството за финансии, планира одредени измени на цената, со тоа што ќе може да им се помогне на граѓаните да не плаќаат толку висока цена, а да имаат нормално движење надвор од државата, како што тоа е решено кај нашите соседи. Ако погледнеме, секоја од државите во опкружувањето околу нас плаќа 5 или 10 евра заедно со внатрешното осигурување и притоа може да се движат и надвор од својата држава, односно во регионот и пошироко“.