Тошковски: Прекршок ќе се регистрира од 57 километри на час при дозволени 50, толеранцијата како кај полициските радари

Макфакс

25/12/2025

08:57

1.027

Големина на фонт

а а а

Толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде иста како онаа што се применува кај останатите полициски радари, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерот нагласи дека толеранцијата се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.


Според појаснувањето на Тошковски во гостувањето на „Телма“, за брзини до 100 километри на час ќе има толеранција од шест километри, за брзини над 100 километри на час осум километри, а за брзини над 200 километри на час – 12 километри. Тој додаде дека, на пример, доколку дозволената брзина е 50 километри на час, системот ќе регистрира прекршок при 57 километри на час.

Тошковски информираше дека системот „Безбеден град“ ќе ги процесуира и службените возила кога тие не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Како што појасни, возилата на итната медицинска помош, противпожарната служба, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана нема да бидат евидентирани од системот кога постапуваат во рамки на службени задачи, но ќе бидат опфатени кога не постои оправдана оперативна потреба.