[ВИДЕО] Во оваа земја се наоѓа најблескавото село на Балканот: Тихомир создал атракција на која ѝ се восхитува целиот свет, а има само 11 жители

Точка

24/12/2025

19:00

536

Големина на фонт

а а а

Во малото хрватско село, на северните падини на Мосор – во Горњи Долац, Тихомир Лучиќ на камен, без струја, создаде нешто што и најпознатите европски божиќни пазари тешко би можеле да го надминат.

Божиќното село на Мосор е прогласено за најдобра семејна туристичка дестинација за 2023 година, како и добитник на Повелбата „Сончоглед“ за рурален туризам на Република Хрватска.

На прашањето како сè започнало, Лучиќ открива дека ништо не планирал. Божиќното село, како што вели, „буквално се случило“. Имено, целата приказна започнала со еден коњ, а потоа животните почнале да се собираат едно по едно.

„Кога веќе имавме коњи, зошто да немаме и овци, па крава“, се присетува Тихомир.

Со годините бројот на животни постојано растел, а со нив растеле и трошоците за одржување. Во моментот кога, како што вели, почувствувал болки во грбот и три дена не можел да стане од кревет, се случил пресвртниот момент.

„Од силната болка видов светилки во главата и така се роди идејата за Божиќното село“, вели Лучиќ за „Dnevno.hr“.

Осми роденден

Првата година немале ниту струја, а целиот проект функционирал со помош на два агрегати. Оваа година Божиќното село го слави својот осми роденден, а подготовките започнале уште во средината на август.

На каменестиот и стрмен терен на Мосор поставувањето милиони светилки воопшто не е лесна задача.


„Кај нас е камен врз камен, скалите никогаш не стојат рамно. Потребни се двајца до тројца луѓе да ги држат додека се качувате и ги поставувате светилките“, објаснува Лучиќ.

Оваа година светнале 4,5 милиони светилки

Месечно, на оваа работа секојдневно работат осум лица, по цели осум часа дневно. Оваа година во селото светнале повеќе од 4,5 милиони светилки, кои поврзани во низа би изнесувале околу 70 километри светлосна инсталација.

Во селото живеат околу 150 до 160 животни – од домашни до егзотични: коњи, елени, муфлони, лами, ему, папагали, лебеди, патки и многу други. Патеката низ имотот е долга речиси 1,7 километри, а секоја станица носи нова сцена на божиќна магија.

Посетители од целиот свет

Иако селото има само 11 постојани жители, секоја година низ него поминуваат од 40 до 60 илјади посетители од целиот свет – од Либија до Шведска, од Шпанија до Норвешка.


„Мислам дека не постои место во светот од кое немавме барем еден гостин“, вели Лучиќ.

Божиќното село оваа година ги отвори вратите на 29 ноември во 17 часот, кога светилките, како и сите претходни години, ги запалија штитениците од Центарот „Јурај Боначи“ од Сплит.

Во сабота и недела посетителите ги очекуваат концерти и културна програма, а во текот на целиот адвент отворени се гастро-куќички со домашна понуда.

„Кај нас нема индустриски колбаси. Сè е производ од локалните производители – домашен колбас, кисела зелка, грав со колбас, палачинки, фритули… Сè домашно, сè наше“, истакнува Лучиќ.

Божиќ кој не е бајка

За разлика од многу адвентски манифестации кои повикуваат да се „почувствува божиќната бајка“, во Горњи Долац владее поинаква филозофија.

„Нашиот слоган е дека Божиќ не е бајка – Божиќ навистина се случи. Божиќ е љубов, топлина и семејство. Луѓето тоа кај нас навистина го чувствуваат“, вели Лучиќ.

Посебен шарм даваат и ликовите кои ги забавуваат децата. Дедо Мраз е во селото секој ден, а на 6 декември во селото пристигна и Свети Никола. Лучиќ вели дека на децата воопшто не им е чудно кога ќе ги видат двајцата еден покрај друг.


Весело во текот на целата година

Иако Божиќното село најмногу блеска во декември, имотот живее во текот на целата година. По празниците се претвора во излетничко место кое го посетуваат училишта и градинки. Децата учествуваат во работилници, прават леб, ги обиколуваат животните и се натпреваруваат во селска олимпијада – влечење јаже, скокање во вреќи и прескокнување бали.

Грижата за животните во текот на целата година ја водат Тихомир и сопругата Кристина. За својата сопруга Кристина вели дека има голем талент за убавина, па изгледот на Божиќното село е токму нејзино дело.

„Кристина успеа на камен да создаде вистинско мало чудо“, вели гордо.

Целиот проект е создаден со сопствени средства, со поддршка од Туристичката заедница на Сплитско-далматинската жупанија, Жупанијата и Туристичката заедница на градот Омиш.

Иако има многу планови, Лучиќ вели дека сè прават ден по ден.

„Животот е краток, кој знае што ќе биде утре. Ние планираме, но сè му препуштаме на Бога и на секое ново утро“, порачува тој.