Во Швајцарија се множат критиките за рекламата со Федерер и Хали Бери, се огласил и првиот човек на туризмот: „Тој не доби ни цент“

Точка

20/12/2025

18:38

627

Големина на фонт

а а а

Швајцарија никогаш не регистрирала толку многу туристички ноќевања како минатото лето, а оваа година би можела да забележи нов рекорд од 42,8 милиони ноќевања.

Критичарите ја обвинија националната маркетиншката организација „Schweiz Tourismus“ (ST) дека дополнително го поттикнува прекумерниот туризам со своите кампањи, во кои се појавуваат Роџер Федерер и други светски ѕвезди. Директорот на „ST“, Мартин Нидегер, цврсто ги отфрла овие обвинувања, пишува швајцарскиот портал „Blick“.

За 2025 година, Нидегер очекува раст на ноќевањата од 1 до 2 отсто во споредба со претходната година, што тој го смета за нормално и неопходно.


Без таков раст, истакнал тој, туристичкиот сектор не би можел да финансира големи инвестиции во инфраструктура, како што се хотели, железнички линии и жичарници. Според интерните процени, приближно еден од шест туристи доаѓа во Швајцарија благодарение на меѓународните промотивни кампањи на „ST“.

На критиките за пренатрупаните дестинации како Гринделвалд, Лаутербрунен или Изелтвалд, Нидегер одговорил дека Швајцарија има околу 300 туристички дестинации и дека огромното мнозинство имаат доволен капацитет.


Просечната годишна пополнетост на хотелите е околу 50 отсто, тврди тој. Проблемите со пренатрупаноста, како што признал сепак постојат, но само на неколку локации и се јавуваат спорадично, поради што не треба да се прикажуваат како национален проблем.

Истовремено, тој нагласил дека постојат многу региони кои лесно можат да примат значително повеќе туристи. Како примери ги навел Унтеренгадин, источна Швајцарија, Тургау, Санкт Гален и Шафхаузен, но и поголемиот дел од Тичино. Дури и во популарните градови како Лугано и Белинцона, тврди тој, има повеќе од доволно простор.


Тој посебно внимание посветува на кампањите со Роџер Федерер и Хали Бери, нагласувајќи дека тие не се насочени кон веќе преоптоварените туристички места.

Сумата се исплаќа на Фондацијата на Федерер

Целта на овие кампањи е да се промовираат помалку посетените региони, да се поттикнат пристигнувања надвор од шпицот на сезоната, особено на есен, и да се мотивираат туристите да го продолжат својот престој во Швајцарија. Затоа снимањето се одвивало на места како Вицнау и Еметен, кои, како што истакнал тој, не се класични туристички жаришта.


Исто така кампањите се фокусираат и на користењето на јавниот превоз, како што се жичарниците и бродовите, насочувајќи го туризмот кон поодржлив начин. Нидегер признал дека некои посетители сепак може да завршат во веќе популарните градови како Луцерн, но нагласил дека целта на „ST“ е да ги „расплетка“ туристичките текови и порамномерно да ги распредели во текот на целата година.

На прашањето во врска со јавните пари, Нидегер истакнал дека „Schweiz Tourismus“ е организацијата со најмал удел во државното финансирање меѓу националните туристички организации во светот, околу 50 отсто. Останатиот дел е финансиран од самата туристичка индустрија. Тој особено нагласил дека Роџер Федерер не заработува ништо од соработката со „ST“. Наместо хонорар, „ST“ плаќа умерен износ на неговата фондација, која ги користи тие средства исклучиво за помош на социјално загрозените деца во Швајцарија.


Симболични хонорари за ѕвездите

Износите на договорите со славните амбасадори не се јавни поради договорни обврски за доверливост, но Нидегер нагласил дека хонорарите што ги добиваат другите ѕвезди се симболични. Кога станува збор за критиките дека парите од даноците се користат за плаќање за кликови на промотивни видеа, тој одговорил дека тоа е дел од основната задача на организацијата и нагласил дека тековната кампања и покрај помалиот буџет и послабата промоција, постигнала поголема видливост од претходните.


Што се однесува до транспарентноста, Нидегер нагласил дека сите трошоци за проектот се детално наведени во годишниот извештај и дека партнерите точно знаат како се трошат нивните пари.


Доколку федералната влада го намали буџетот за туризам, тој предупредил дека тоа неизбежно ќе доведе до губење на работни места. „Schweiz Tourismus“ вработува 280 луѓе, половина во Швајцарија, а другата половина во 35 канцеларии во 22 земји, а како што рекол Нидегер помал буџет би значел и послаба способност за управување со туристичките текови, пренесе „Blick“.