Ирецот Диармуд Ерли се појави во арената „HyperX“ во Лас Вегас под силни рефлектори, драматична музика и фанфари достојни за секое големо спортско финале. Само што овојпат, наместо топка, алатката беа тастатурата и глушецот, а теренот – скромна десктоп-конфигурација.
Наречен „Леброн Џејмс на „Excel“ табелите“, Диармуд сега е најдобриот светски гениј за работа со работни листови.
Тој го освои Светското првенство во „Microsoft Excel“ за 2025 година, каде што наградниот фонд од 60.000 долари го претвори канцеларискиот софтвер во спектакл со високи влогови.
Еспорт-шоуто во декември привлече натпреварувачи од целиот свет, при што 256 експерти за табеларни пресметки се натпреваруваа низ нокаут-рунди за да обезбедат место во финалната група од 24 учесници.
Диармуд објасни дека временски ограничените елиминации започнуваат во последната рунда, така што на секои пет минути натпреварувачите на последното место се елиминираат.
„Значи, штотуку се сместувате, некако се обидувате да сфатите како сето ова ќе функционира, и одеднаш ќе слушнете: ‘Ви благодариме што игравте, испаѓате’“, изјави тој.
Во текот на повеќе од 20 години, натпреварувачката сцена еволуираше од финансиски ориентиран пристап до формат кој денес вклучува решавање комплексни проблеми. Иако може да биде од помош, Диармуд истакна дека „не е потребно знаење од сметководство или финансии“.
Тој опиша пример во кој „Excel“ се користи за бодување на покер партија или дури за сортирање кралеви и кралици во битки во кои се бореле.
Обично постои предизвик што трае 30 минути, а секој предизвик е поделен на нивоа. Тежината на прашањата постепено се зголемува, а секој точен одговор носи бод. Победува оној што ќе освои најмногу бодови, а во случај на изедначен резултат, победник е оној што прв ќе стигне до целта.
Диармуд, кој сега живее во Њујорк, основал сопствен финансиски бизнис, каде што неговите вештини и експертиза како специјалист за табеларни пресметки не останале незабележани.
На прашањето дали би размислил за отворање профил на ТикТок или Инстаграм, тој се насмевнал.
„Тоа звучи ужасно. Имам Јутјуб канал, па таму ги објавувам моите туторијали и решенија во живо“, одговори тој.
И покрај неговата воздржаност кон кратките објави на социјалните мрежи, конкурентната „Excel“ сцена продолжува да расте на различни платформи.














