[ФОТО/ВИДЕО] Светски рекорд во Англија: Накитена највисоката природна елка во светот

Точка

20/12/2025

19:47

549

Големина на фонт

а а а

Џиновската секвоја на североистокот од Англија е прогласена за највисока природна елка во светот, откако ги исполнила критериумите на Гинисовата книга на рекорди, објавија управителите на имотот Крагсајд, каде што се наоѓа елката.

Елката, висока 44,8 метри, била украсена со помош на дигалка со кран од 51 метар, а за декорација биле користени 1.320 разнобојни ЛЕД светилки поврзани со повеќе од 800 метри кабел, две големи декоративни панделки и три батерии што се полнат, пишува „Вашингтон пост“ (WP).

Управата на имотот наведува дека украсувањето на елката, со строга грижа за нејзино зачувување, претставувало посебен предизвик.


„Здравјето на елката беше наш апсолутен приоритет. Не сакавме да ги преоптовариме гранките бидејќи тоа можеше да ги оштети“, изјавил Стив Хауард, менаџер за посетители во Крагсајд, кој е управуван од британската организација „National Trust“.

Секвојата, која е стара околу 150 години, е позната меѓу вработените како „џинот“.


Тимот се одлучил за светла во розова, виолетова и сина боја, додека класичните декорации биле изоставени поради силните зимски ветрови карактеристични за северна Англија.

Светлата биле поставени вертикално, наместо да бидат обвиткани околу елката, за да се избегне оштетување и во согласност со историската практика од викторијанската ера. Елката свети само неколку часа на ден, со цел заштеда на енергија и намалување на влијанието врз животинскиот свет.


Минатата година, секвојата била прогласена за највисока природна елка во Велика Британија, а подготовките за добивање на светскиот рекорд траеле околу една година.

Според Хауард, интересот на посетителите е исклучително голем, а некои патувале стотици километри за да ја видат елката. По празниците, во јануари планирано е отстранување на украсите, во зависност од временските услови.


„Во споредба со другите дрвја овде, оваа секвоја е сè уште млада. Се надеваме дека ќе живее барем уште 150 години“, рекол Хауард.