[ФОТО] Невообичаен коцкест череп ги изненадил и збунил археолозите во Мексико

Точка

09/12/2025

21:19

602

Големина на фонт

а а а

Археолозите кои истражуваат мезоамерикански локалитет во Мексико откриле необичен човечки череп во форма на коцка.

Ова е прв доказ дека луѓето во оваа област практикувале уникатна практика на обликување на главата, научно позната како кранијална модификација, пред околу 1.400 години.

Черепот е откриен во близина на археолошкиот локалитет Балкон де Монтезума во источниот дел на државата Тамаулипас. Различни мезоамерикански етнички групи живееле во таа област помеѓу 650 година пр. н. е. и 1200 година од н. е., пренесе РТС.


Околу 400-та година, таму се појавило село, кое со текот на времето вклучувало околу 90 кружни куќи распоредени во два квадрата, според Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја (INAH).

Во неодамнешниот преглед на артефактите и коските откриени на локалитетот Монтезума, истражувачите забележале дека череп на маж на средна возраст имал облик што никогаш порано не го виделе.

Биолошкиот антрополог Хесус Ернесто Веласко Гонзалес објаснил дека иако вештачки модифицирани черепи веќе се пронајдени во областа, обликот на черепот на овој човек е уникатен.

Многу луѓе се запознаени со културите што практикувале конусно обликување на черепот, бидејќи овие черепи имаат речиси „вонземјански“ изглед. Тој облик се создавал со употреба на ленти од ткаенина или мека влошка со која главата на бебето нежно се врзувала, за черепот да расте во „коса“ насока и да изгледа издолжено.


Сепак, повеќето од модифицираните черепи од локалитетот Монезума биле обликувани во „исправена“ насока со поставување мека влошка на задниот и/или предниот дел од черепот, што резултирало со поисправен или зашилен изглед на главата.

Но, овој човек имал поинаква форма на „исправена“ модификација – врвот на главата му бил сплескан, што му дало на черепот изглед сличен на коцка што некои експерти го опишуваат како паралелопипед (форма слична на тридимензионален паралелограм или ромб).

Бидејќи примери од овој сплескан облик на череп претходно биле видени само надвор од оваа област, вклучувајќи ги областите Веракруз и областите на Маите, истражувачите сакале да утврдат дали човекот бил локален жител или странец. Меѓутоа, хемиската анализа на неговите коски и заби покажала дека бил роден во тој регион, а веројатно живеел таму целиот свој живот и таму починал.


Истражувачите претпоставуваат дека овој необичен облик на главата можеби имал некое културно специфично значење кое сè уште нѝ е непознато. Во многу делови од Мезоамерика, познато е дека различните облици на черепот се поврзани со различни културни групи. Иако овој човек не бил од различна географска област, можно е луѓето што ја обликувале неговата глава да припаѓале на различна културна заедница.

Според директорката на „INAH Tamaulipas“, Тонанчин Силва Карденас, истражувањето на материјалите од претходните археолошки ископувања на локалитетот Монтезума сè уште е во тек и ќе им помогне на експертите да го прошират разбирањето на локалитетот и неговите културни и историски врски со другите претхиспански групи во регионот.