Што се случува кога ќе угине кит? Започнува епска приказна што трае половина век

Точка

09/12/2025

21:06

1.125

Големина на фонт

а а а

Лешовите на китовите во длабочините на океанот со децении служат како извор на храна и како живеалиште за бројни морски организми. Откако ќе угинат, китовите се надувуваат како последица на распаѓањето на органите и можат да лебдат на површината, каде што ги јадат птици и морски предатори. На крајот тонат на морското дно, најчесто на длабочини од неколку километри, каде што стануваат основа за нов екосистем.

Како што објаснува д-р Адриан Гловер, експерт за длабокоморски биодиверзитет од Природонаучниот музеј во Лондон, „кога китот ќе потоне на морското дно, животот почнува брзо да се развива“. Прво го јадат ајкули, ракчиња, јастози и други видови што се хранат со мрша, кои од лешот на китот можат да се хранат и до две години.

Кога ќе останат само коските, на сцена стапуваат поситни организми, како полжави, ракчиња и многу видови црви. Особено важна улога имаат таканаречените зомби-црви, припадници на родот "Osedax", кои хемиски ги разградуваат коските.

Храна за половина век

Зомби-црвите, со помош на бактерии во своите коренести структури, произведуваат ензими и киселини, а при тоа внесуваат и кислород во коските, што го забрзува распаѓањето. Некои видови, како "Osedax mucofloris", чие име значи „лигав цвет што јаде коски“, можат да се хранат со остатоците од кит и до десет години.

Во подоцнежните фази на распаѓање, кои можат да траат од десет до педесет години, коските ги колонизираат бактерии кои произведуваат сулфуроводород. Овој гас овозможува живот на посебни видови мекотели и цевчести црви кои енергијата ја добиваат од хемиски реакции, а не од храна. Овој процес е познат како хемоавтотрофија.

Кога китовите не тонат на морското дно, туку се насукуваат на брегот, се користат за научни истражувања. Тие нудат ретка можност за анализа на видови кои инаку се недостапни. Некои делови од мртвите китови намерно се потопуваат за подобро да се разбере процесот на распаѓање. Природонаучниот музеј учествува во вакви истражувања во Обединетото Кралство уште од 1913 година.