„Volkswagen“ на крајот од овој месец ќе го запре производството на целосно електричниот модел „ID.3“ во својот погон во Дрезден. Позната и како Стаклената фабрика, оваа уникатна фабрика беше отворена во 2002 година и служеше за производство на моделот „Phaeton“ сè до 2016 година. Потоа беше задолжена за производство на електричниот „Golf“, а од 2021 година се фокусираше на производството на моделот „ID.3“.
Оваа одлука значи дека фабриката за првпат од нејзиното отворање ќе остане без ниту едно возило на производната линија. „Gläserne Manufaktur“, односно Стаклената мануфактура, е карактеристична по стаклените ѕидови од под до таван. Сега ќе стане позната и по тоа што не произведува автомобили. Таа беше еден вид излог за најпрестижните модели на „Volkswagen“, а подоцна и за електричната мобилност, а сега преминува во сферата на науката.
И покрај тоа, „VW“ наведува дека во погонот ќе задржи повеќе работни места отколку што првично било планирано. Компанијата на вработените им нуди и дарежлив поттик за преселување во своето главно седиште во Волфсбург.

Во рамки на гаснењето на производството, „Volkswagen“ првично очекуваше во Дрезден да останат само 135 работни места. Но, на почетокот од оваа година, шефот на брендот „VW“, Томас Шефер, и претседателката на работничкиот совет на концернот, Даниела Кавало, ја посетија фабриката и најавија дека таму ќе останат 155 вработени. Во моментов, во погонот работат околу 250 луѓе.
За да поттикне дел од работниците да заминат, „Volkswagen“ воведе бонус од 30.000 евра (околу 35.000 долари) за оние кои ќе прифатат да се преселат во Волфсбург, оддалечен околу 300 километри од Дрезден, пренесе германскиот „Handelsblatt“. Иако сумата звучи примамливо, еден учесник на неодамнешниот состанок на работниците истакнал дека објавувањето на бонусот било дочекано со свирежи и гласно негодување.

Што следува за Стаклената фабрика?
Иако во оваа фабрика наскоро повеќе нема да се склопуваат автомобили на „Volkswagen“, во неа ќе никне нов иновациски кампус. Објектот се реализира во соработка со Техничкиот универзитет во Дрезден („TU Dresden“).
Според зборовите на Томас Едиг, директорот на „VW“ Саксонија, оваа промена му дава на погонот „можност да стане Стенфорд на Истокот“.

Кампусот ќе се занимава со напредни технологии, меѓу кои се вештачката интелигенција, микроелектрониката, дизајнот на чипови, науката за материјали, роботиката и технологиите на кружната економија. Универзитетот во Дрезден ќе изнајми приближно половина од просторот, додека „VW“ ќе ја поддржува соработката преку истражувачки договори.
Според пишувањето на „Handelsblatt“, вработените на „VW“ во Дрезден имаат загарантирана сигурност на работното место до 2030 година. Од почетокот на 2026 година тие ќе бидат вклучени и во колективниот договор на „VW“, што би требало да им донесе повисоки плати и подобри работни услови.












