[ВИДЕО] Вакво нешто уште не сте виделе: Бизнисмен од БиХ го паркирал своето „Ferrari“ од 400.000 евра на терасата од стан во Виена

Точка

06/12/2025

14:56

1.667

Големина на фонт

а а а

Летечкото „Ferrari“ неодамна предизвика чудење во една новоизградена станбена зграда во виенскиот Флоридсдорф. Болидот вреден 400.000 евра најпрво се нашол во средината на внатрешниот двор, а потоа завршил на балконот од еден стан – со помош на моќен кран, пишува „Heute“.

Австрискиот медиум успеал да го пронајде и сопственикот на хибридната „ракета“ со 830 коњски сили, а станува збор за Амар Дезиќ (28) од БиХ.

„Имам неколку автомобили, но за жал не добив уште едно паркинг-место во гаражата“, вели Дезиќ, кој повеќе сака да ги паркира своите возила внатре каде се заштитени од ветер, временски непогоди и вандали, отколку на улица.


Уште при купувањето на станот разговарал со агентот за својата идеја да ја претвори терасата во паркинг.

„Тогаш ми рече дека тоа воопшто не е проблем. Веројатно не ме сфати сериозно“, низ смеа вели сопственикот на „Ferrari“, кој со својата компанија „Sternwerk“ е длабоко вклучен во авто-бизнисот.

Така, минатата недела Дезиќ ангажирал камион со кран и ја спровел својата идеја во дело, пред во Виена да пристигнат снег и мраз. Но, како што наскоро се покажало, тоа не предизвикало само чудење кај соседите бидејќи веднаш штом болидот тежок 1,5 тон бил „паркиран“ на раскошната тераса, му се јавиле управникот на зградата и градежната инспекција.

„Автомобилот, за жал, мора повторно долу. Сакав на терасата да направам и стаклена гаража за него“, бил разочаран виенскиот бизнисмен.

Во петокот околу пладне пристигнало специјализирано возило за отстранување, а спортскиот автомобил внимателно бил спуштен од терасата. Работите траеле околу половина час, а работниците морале да изведуваат милиметарски прецизни маневри за да спречат оштетување на скапоцената машина.

Автомобилот бил вратен на улица без инциденти, а трошоците за оваа сложена операција ги покрил сопственикот. Според пишувањето на австриските медиуми, станува збор за сума од неколку илјади евра.

Во иднина, Дезиќ планира своето возило да го чува во просториите на својата компанија, каде што има повеќе можности за соодветно сместување на луксузниот автомобил.