Марија и Лудвиг Јекел заедно го прославиле својот 100-ти роденден – Марија пред неколку дена, еден месец по нејзиниот сопруг Лудвиг.
Кога Марија и Лудвиг Јекел се родиле во 1925 година, автомобилите и телефоните сè уште биле луксуз, а немите филмови се прикажувале во кината, пренесе „Билд“.
Марија има скромен рецепт за стогодишници и знае како да се биде среќен во бракот.
„Сè во умерени количини“, рекла поранешната канцелариска службеничка за себе и Лудвиг, поранешен рудар, со кого се омажила пред 73 години.
Нивната ќерка Петра Хартунг додала дека заедно оделе во градинка и училиште. Нејзините родители си играле заедно како деца, а и денес се активни. „Откако се пензионирале, секој ден практикувале брзи прошетки во шумата по два часа“, истакнала Петра, додавајќи дека дури и денес нејзиниот татко секојдневно по еден час шета низ дворот со шеталка.
Според германскиот весник, тие се среќни поради нивната љубов: еден кон друг, кон нивните деца, петте внуци и тројцата правнуци.

Двајцата, кои се познаваат речиси исто толку долго колку што се во брак, сè уште се насмевнуваат еден на друг, а за две години ќе прослават уште една годишнина – 75 години брак: исклучително ретка „крунска“ годишнина.
Според податоците на Германскиот федерален завод за статистика, бројот на луѓе над сто години се зголемил за повеќе од една четвртина од 2011 година. На крајот од 2024 година, во Германија имало околу 17.900 од нив, пренесе „Билд“.







