Во последните месеци ретко се појавува на црвените килими, но Тејлор Свифт добро знае како да остави впечаток кога ќе го направи тоа.
На доделувањето на „iHeartRadio Music Awards 2026“ во Лос Анџелес се појавила во издание што истовремено било разиграно, гламурозно и трендовски беспрекорно.
Во паузата од рефлекторите, по објавувањето на албумот „The Life Of A Showgirl“, Свифт очигледно ги наполнила батериите, а на црвениот килим делувала опуштено и самоуверено. Во „Долби“ театарот сама пристигнала непосредно пред почетокот на церемонијата, но вечерта сепак ја поминала во друштво на својот свршеник Тревис Келси.

Комплетот во ментол-зелена боја, составен од мини-здолниште и корсет-топ со длабоко деколте, бил полн погодок. Клучниот детаљ? Розов светкав вез со реси, кој на стајлингот му дал доза разиграност и движење.

Витките нозе дополнително ги нагласила со сандали со тенки ремчиња, додека стајлингот го заокружила со дискретен сребрен накит и кристални обетки. Посебно внимание привлекол и големиот дијамантски свршенички прстен, кој не се обидела да го скрие. Косата во полуподигната варијанта и природната шминка биле очекуван, но ефектен избор. Кафеавата сенка, маскарата и сјајниот кармин во розова нијанса дополнително го истакнале нејзиниот свеж изглед.

На настанот се појавиле и бројни други ѕвезди. Мајли Сајрус се истакнала со „еџи“ комбинација од кожа, додека Никол Шерцингер избрала впечатлив црн винил фустан со оперски ракавици. Ни Ники Глејзер не поминала незабележано во елегантен црн фустан што го нагласил нејзиниот исончан тен.

По црвениот килим, Свифт му се придружила на Тревис Келси во салата, каде што заедно ги следеле настапите и се дружеле со гостите.

Вечерта за неа завршила во победнички тон – ја освоила наградата за најдобар поп-албум за „The Life Of A Showgirl“ - нејзиниот 14-ти студиски албум.