Во тек се последните подготовки пред изборот за „Miss Universe“, кој ќе се одржи на 21 ноември во Тајланд.
Мисицата на Велика Британија, 37-годишната Даниел Латимер, предизвика вистински шок ширум светот кога падна на сцената за време на претставувањето на националните костими на изборот за „Miss Universe 2025“ во Тајланд.
Снимката од нејзиниот пад, на кој изгледаше како да е „покосена“, за миг се прошири на социјалните мрежи, а публиката во салата "Impact Challenger" во Нонтабури вознемирено воздивна.
Но, зад драматичниот момент се криела целосно неочекувана приказна.
Неочекуван пресврт: Падот кој всушност бил дел од настапот
Даниел на сцената се појавила во костим инспириран од ликот на Елајза Дулитл од култниот филм „My Fair Lady“ од 1964 година. Додека им делеше цвеќиња на присутните, се сопна и падна — момент што изгледаше како сериозен гаф. Но потоа следувал пресврт.
Латимер веднаш се исправила, грациозно го соблекла капутот и открила раскошна балска тоалета, оставајќи ја публиката во шок. Подоцна откри дека падот бил внимателно осмислен дел од настапот, симболизирајќи ја трансформацијата на Елајза — од скромна продавачка на цвеќе во дама од високото општество.
„Не можам да верувам дека навистина го направив тоа“, им рече подоцна на своите следбеници на "Instagram" со смеа. „Веројатно ќе завршам во ’Daily Mail‘ поради падот на сцената. Се надевам.“
Призна и дека за време на „инцидентот“ скршила нокт.
Пораката зад костимот: Приказна за трансформација — и на Даниел, и на Елајза
Мисицата објасни дека го избрала ликот на Елајза затоа што длабоко се идентификува со нејзината приказна. Како и Елајза, и таа пораснала скромно во источниот дел на Лондон, кој во осумдесеттите бил еден од најсиромашните делови на Обединетото Кралство.
„Тоа сум јас“, напиша таа.
„Девојка со изразен акцент, од Источен Лондон, која сама се изградила за еден ден да стои на сцената на ’Miss Universe‘ — тоа е мојата лична трансформација.“

Miss Universe 2025: Едно од најгледаните натпреварувања во светот
Изборот за „Miss Universe“, кој се одржува по 73-ти пат, и годинава привлекува милионска гледаност и огромно медиумско внимание. Во тек е претселекцијата — клучниот дел од процесот, во кој се избираат 30 полуфиналистки.
Големото финале е закажано за 21 ноември во Бангкок, а веќе е јасно дека впечатливиот настап на Даниел засени многумина и стана еден од најкоментираните моменти на изборот оваа година.











