Познатата чешка сноубордерка и четирикратна олимпијка Шарка Панчохова проживеала драма за време на престојот во Јапонија.
Имено таа била затрупана од лавина додека се спуштала по падина, а целата ситуација ја снимила и ја споделила на социјалните мрежи. Благодарение на брзата реакција на нејзиниот тим, таа била извлечена навреме и поминала без повреди, пишува „TN.cz“.
Панчохова објавила видео на својот Инстаграм на кое се гледа како снегот постепено ја окружува и на крајот целосно ја затрупува. Како што објаснила, не станувало збор за класична лавина од врвот на планината, туку за површинска снежна лавина што се активирала околу неа. Иако се нашла во исклучително опасна ситуација, успеала да остане смирена.

„Се обидов да се смирам, да го намалам срцевиот ритам и да заштедам кислород. Знаев дека мојот тим ќе биде тука за кратко време“, раскажала 35-годишната атлетичарка во видеото.
На нејзиниот тим му биле потребни околу три минути за да ја лоцира и да ја извлече од снегот. Исто така, голема „среќа во несреќа“ било тоа што вице-светската шампионка не била затрупана премногу длабоко, што го олеснило нејзиното спасување.
Важна лекција и предупредување
Откако го преживеала застрашувачкото искуство, Панчохова одлучила да го искористи своето влијание за да ја подигне свеста за опасностите на планините и важноста на безбедносните мерки.
„Сега гледам на планините поинаку. Никогаш не одете сами. Разговарајте со вашите пријатели пред спуштањето и дискутирајте со нив што би можело да се случи“, им порача таа на своите следбеници.









