Жена на сцената блеска во бикини украсено со кристали, нејзината потемнета кожа го истакнува секој совршено дефиниран мускул – резултат на безброј часови поминати во теретана. Тешко е да се замисли дека истата таа жена, Роја Карими, пред само 15 години била малолетна мајка во Авганистан, присилно омажена како девојче.
Денес, на 30 години, таа е една од најдобрите европски бодибилдерки и оваа недела настапува на Светското првенство, пишува „BBC“.
Нејзиниот подем бил неверојатно брз, имајќи предвид дека професионално се занимава со овој спорт помалку од две години. Ништо од тоа не изгледало возможно кога со мајка ѝ и малиот син побегнала од Авганистан. Засолниште пронашла во Норвешка, каде што изградиле нов живот, таа го завршила образованието за медицинска сестра и го запознала сегашниот сопруг, кој исто така се занимава со бодибилдинг.
World Bodybuilding Championships: Afghan child bride who became a bodybuilderRoya Karimi was a child bride and mother by the time she was 15 years old living in Afghanistan. Here's how she's become one of Europe's top bodybuilders.
🎧 The women leading secret lives in Afghanistan: https://bbc.in/4ijprso
Posted by BBC World Service on Tuesday, May 13, 2025
Како што вели самата, токму бодибилдингот ѝ помогнал да се ослободи од менталните и општествените окови кои ѝ биле наметнати со години.
„Секојпат кога одам во теретана, се сеќавам дека во Авганистан имаше време кога не ми беше дозволено ни слободно да вежбам“, изјави Роја за „BBC“.
Нејзината животна приказна е приказна за борба против наметнатите традиции и повторна изградба на сопствениот идентитет – но и обид да ги инспирира жените во својата татковина, кои денес се соочуваат со сè построги ограничувања. Иако општествените норми ги ограничувале жените и додека Роја живеела во Авганистан, ситуацијата се влошила драстично со враќањето на талибанците на власт во 2021 година.
Денес, на жените им е забрането школување по 12-годишна возраст, не можат да извршуваат поголем дел од професиите, да патуваат без машка придружба или да го подигнат гласот во јавност.
„Имав среќа што успеав да се извлечам од таа ситуација, но многу жени сè уште немаат ниту најосновни човекови права, како што е образованието. Тоа е навистина тажно“, додава Роја.
Години пред враќањето на талибанците на власт, Роја одлучила дека „не сака таков живот“. Нејзината одлука во 2011 година да побегне од Авганистан, оставајќи го тогашниот сопруг, носела огромни ризици за жена во традиционалното авганистанско општество. Тоа е период на кој не сака да се потсетува и за кој избегнува да зборува во детали.
Во Норвешка се соочила со сосема поинаков свет. Требало да се приспособи на полиберална култура, да најде работа за да го издржува семејството и да го научи норвешкиот јазик. Иако почетоците биле тешки, нејзиниот труд конечно се исплател. Ги завршила студиите и се вработила во болница во Осло.
Одењето во теретана било следната голема пресвртница. Тоа не била само физичка активност, туку и начин повторно да ја изгради својата самодоверба. Таму го запознала и својот втор сопруг, Камал Џалалудин, исто така со потекло од Авганистан, кој станал нејзина најголема поддршка.
„Пред да го запознаам Камал, се занимавав со спорт, но не на професионално ниво“, објаснила таа. „Неговата поддршка ми даде храброст да го изберам натпреварувачкиот пат кој руши табуа. Верувам дека кога мажот стои зад жената, можат да се случат неверојатни работи“.
Пред 18 месеци Роја одлучила да ја напушти работата како медицинска сестра и целосно да му се посвети на бодибилдингот. Нејзиниот пат не поминал без проблеми. Бикинито, распуштената коса и силната шминка кои ги носи на сцената се во целосна спротивност со општествените норми што диктираат како жените треба да изгледаат и да се однесуваат во нејзината татковина.
Поради тоа, нејзините профили на социјалните мрежи се преплавени со критики, често проследени со закани со насилство, па дури и со смрт. Но, таа ги отфрла таквите коментари.
„Луѓето го гледаат само мојот изглед и моето бикини. Но зад тој изглед стојат години страдање, труд и упорност. Овие успеси не дојдоа лесно“.
И покрај тоа, социјалните мрежи за Роја не се само негативно искуство. Тие ѝ овозможуваат да комуницира со жени во Авганистан, зборувајќи им за важноста на физичкото здравје, самодовербата и борбата за сопствениот идентитет.
Сега Роја се подготвува за Светското првенство во бодибилдинг, кое започнува овој четврток во Барселона. Во април освои злато во категоријата „Wellness“ на натпреварот „Stoperiet Open“, а победата ја повтори и на престижниот „Norway Classic 2025“. Успехот на Европското првенство ѝ обезбеди пласман на светската смотра.
„Чувствувам длабока среќа, гордост и чест. Тоа беше неверојатно тешко патување, но чекор по чекор успеав да освојувам златни медали“, рече Роја.
Од трибините секогаш ја бодрат нејзиниот сопруг и синот.
„Да ја видам Роја на сцената беше остварување на сонот што го изградивме заедно“, изјави гордо нејзиниот сопруг Камал.
Но, за неа ова натпреварување претставува многу повеќе од личен успех.
„Се чувствувам ментално силна и целосно подготвена да го дадам најдоброто од себе. Се надевам дека ќе испишам историја и ќе го поставам овој рекорд во име на авганистанските девојки и жени – за првпат“.