Легендарниот македонски актер Гоце Тодоровски гостуваше кај Стефан Лазаров во „Лазаров поткаст“, каде на свој, препознатлив начин со хумор и искреност зборуваше за тоа како успеал да го одржи својот брак цели 50 години.
Прашањето кое го постави Лазаров: „Како се одржува брак 50 години, кој е клучот?“, го поттикна актерот да даде одговор кој истовремено насмеа и замисли многумина.
„Па, да не се вртиш многу дома. И да имаш швалерки,“ рече низ насмевка Тодоровски, па додаде: „Се шегувам, ама и не се шегувам“.
Објасни дека поради природата на актерската професија, поголемиот дел од својот живот го поминал на снимања, проби и претстави, па многумина дури мислеле дека е ерген.
„Се оженив млад, на 24 години, и тогаш немав приватен живот. Жена ми никогаш не ми се налути поради тоа, знаеше дека никогаш нема да ја оставам“, раскажа актерот.
Тодоровски откри дека љубовната приказна со неговата сопруга Тања започнала едноставно, но искрено. „Кога ја запознав, имав три-четири девојки. Раскинав со сите, останав со неа и по една година се земавме. Таа беше мојата вистинска“.
Со насмевка додаде и дека некои жени ѝ се јавувале на неговата сопруга со тврдења дека се во врска со него. „А таа им одговараше: ‘Може слободно да ми се фатите, тој никогаш нема да ме остави. Џабе мислите дека ве сака’“.
Во својата отворена исповед, актерот призна дека секогаш имал симпатии кон жените, но никогаш не ја заборавил својата сопруга.
„Сите ги сакав, ама не бев вљубен. Инаку не би бил со нив. Но секогаш се враќав дома. Изневерување е кога ќе се заљубиш и ќе ја заборавиш жената. Јас тоа никогаш не го направив“.
Со овој одговор, Гоце Тодоровски уште еднаш докажа дека животната мудрост и искреноста се негови најголеми адути, и на сцената, и надвор од неа. Неговиот став за љубовта, посветеноста и почитта кон партнерот стана вистински хит на социјалните мрежи, каде многумина го нарекоа „реален рецепт за долга љубов со доза на хумор“.
Автор: Ц.Н.









