[ВИДЕО] Повеќе од 120.000 прегледи за три дена: „Адреналински камбек“ на Елвир Мекиќ и Јован Јованов

Точка

04/11/2025

16:37

2.125

Големина на фонт

а а а

Поминаа повеќе од шеснаесет години откако „Слаба точка“ го освои етерот и ни ги обои спомените во боите на едно младешко време – време на љубов, безгрижност и песни што се пееја со полни гради.

И токму кога мислевме дека тие денови останале засекогаш во минатото, Јован Јованов и Елвир Мекиќ повторно го вклучија својот заеднички музички пулс. Со песната „Адреналин“, двајцата омилени музичари се враќаат на сцената, носејќи со себе и носталгија и свежа енергија.

Но, зад модерниот звук се чувствува онаа препознатлива емоција што отсекогаш ги спојувала Јован и Елвир – искреност во гласот, мелодиска топлина и меланхолија што не боли, туку враќа насмевка.

Песната е создадена на почетокот на годината, а како автори се потпишани самите Јован Јованов и Елвир Мекиќ, заедно со Христијан Настески, Пајак и Иван Јованов. Првично замислена како летен хит, „Адреналин“ конечно доби свое место оваа есен – како музички потсетник дека добрите нешта не стареат, само чекаат вистински момент да оживеат повторно.

„Среќен сум и возбуден што после толку време имаме нешто што личи на нас од минатото, а сепак звучи ново и современо“, вели Елвир.

„Со нетрпение ги чекам реакциите и се надевам дека песната ќе ја почувствува публиката со истата искра со која ја создававме“.

Видеоспотот за „Адреналин“ е снимен во Штип, во продукција на „Урбан Рекордс“, со визуелна енергија што совршено ја следи песната.

Со овој проект, Јован и Елвир не прават само музичко враќање. Тие потсетуваат дека вистинските соработки не се мерат во време, туку во искра – онаа што, и по толку години, повторно може да ја разбуди сцената. „Адреналин“ не е само нова песна, туку продолжение на едно пријателство и звук што нè поврзува со најубавите страници од нашата колективна музичка меморија.

Автор: Ц.Н.