ЕВН Македонија учествуваше на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој

Макфакс

30/10/2025

16:39

139

Големина на фонт

а а а

Високи претставници на ЕВН Македонија земаа активно учество на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој, кој оваа година се одржа во Скопје под мотото „Од цели кон акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“.

Настанот се организираше од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН.

На отворањето се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која истакна: „Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира, дури и во услови на неизвесност и геополитички потреси.“

Тридневниот форум обедини над 500 учесници од 70 земји, вклучувајќи и претставници на влади, меѓународни организации, финансиски институции, како и експерти и претставници од бизнис зедницата.

Првиот човек на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер се обрати за време на сесијата посветена на „Финансирање на енергетската ефикасност и обновливите извори“. Тој истакна дека нема зелена транзиција без силни, паметни и модерни дистрибутивни мрежи.

„Не можеме да градиме зелена енергетска иднина на мрежа од 20-ти век. Надградените и модерни мрежи се суштински за интегрирање на обновливата енергија, но тоа доаѓа со многу висока цена. Затоа, меѓународните фондови, поволните заеми и стабилната регулаторна рамка се клучни за да се остварат неопходните инвестиции.“

Менаџерот во ЕВН Македонија Електроснабдување, Беркант Шен, зборуваше за улогата на ЕВН во развојот на инфраструктурата за полнење на електричните возила во државата, со што директно се придонесува кон забрзување на електричната мобилност и заштитата на животната средина.

Во фокусот на годинешната водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија се енергетската транзиција, новите технологии и пазарот, производството на енергија, како и меѓународната соработка за енергетска сигурност.