[ВИДЕО] Крузер остави жена на австралиски остров, таа почина: Семејството ја обвини компанијата за небрежност

Макфакс

30/10/2025

11:45

2.843

Големина на фонт

а а а

Ќерката на 𝟪𝟢-годишната жена која почина откако крузер ја остави на оддалечен остров, ја обвини бродската компанија за „недостаток на грижа и недостаток на здрав разум“. Телото на Сузан Рис беше пронајдено на островот Лизард, во Големиот корален гребен, еден ден откако таа не се врати на бродот од организирано планинарење, објави Би-би-си.

Кетрин Рис изјави дека е шокирана и тажна што бродот Coral Adventurer испловил без нејзината мајка, која ја опиша како здрава, активна и страсна планинарка и градинарка.

„Од она малку што ни беше кажано, се чини дека имало недостаток на грижа и здрав разум“, рече таа во четврток.

Сузан Рис, од Нов Јужен Велс, наводно била на првата етапа од 60-дневното крстарење околу Австралија кое тргнало од Кернс претходно оваа недела. Патниците, кои плаќаат десетици илјади долари за патувањето, биле однесени на ексклузивниот остров на еднодневен излет кое вклучувало планинарење и нуркање.

Рис се придружила на групно искачување до највисокиот врв на островот, Кукс Лук, но била одвоена од остатокот од групата бидејќи ѝ требало одмор.

„Полицијата ни кажа дека бил многу жежок ден и дека на мајка ми не и било добро додека се искачувала по ридот“, рекла нејзината ќерка Кетрин. „Бела замолена да се симне без придружба. Потоа бродот отпловил, очигледно без да го провери бројот на патници. Во одреден момент од тој процес, или кратко потоа, мама починала, сама.“

Кетерин додаде дека се надева дека истрагата ќе открие што требало да направи компанијата за да може да го спаси животот на нејзината мајка.

Австралиската агенција за поморска безбедност потврди дека го истражува смртниот случај и дека ќе се сретне со екипажот на бродот кога ќе пристигне во Дарвин подоцна оваа недела.

Портпаролот на Агенцијата за поморска безбедност изјави дека капетанот на бродот првпат ги известил за исчезнувањето на жената околу 21 часот по локално време во саботата. Тим за пребарување се вратил на островот неколку часа подоцна, но потрагата била прекината во раните утрински часови во неделата. Кратко откако потрагата продолжила, хеликоптер го пронашол нејзиното тело наутро.

Главниот извршен директор на „Coral Expeditions“ изјави во среда дека компанијата „длабоко жали“ за смртта и ѝ нуди поддршка на семејството Рис. „Тесно соработуваме со полицијата на Квинсленд и другите власти за да ја поддржиме нивната истрага. Не можеме да коментираме понатаму додека овој процес е во тек“, рече Марк Фифилд.