Николоски најави дополнителни средства за Брвеница и директен излез на автопат

Макфакс

30/10/2025

18:28

290

Големина на фонт

а а а

За општина Брвеница со идниот градоначалник Јовица Илиевски ќе реализираме нови проекти со специјален буџет преку Министерството за транспорт. Исто така донесена е одлука да се изгради нов влез и излез на автопатот. Политиката на национализам ќе доживее пораз и во општина Брвеница, а Јовица Илиевски ќе добие втор мандат за градоначалник, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на средбата со граѓани во Брвеница.

„Успешните треба да се наградуваат и затоа во општината инвестираме во повеќе проекти кои целосно ќе го променат ликот и ќе го подобрат животот на жителите“, рече Николоски.

Тој појасни дека улицата „Браќа Јаниќ“ во општина Брвеница е дел од поголем проект што се реализира заедно со Светска банка.

„Тука инвестираме некаде околу 10 милиони денари за целосно уредување на улицата и ова ќе биде една прекрасна улица. Драго ми е што цела една нова населба се развива тука и драго ми е што општина Брвеница расте, луѓе доаѓаат и се доселуваат тука,“ изјави тој.

Николоски додаде дека по насока на Владата и Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта работи на проект што беше децениско барање на жителите на општината — клучка која ќе ја поврзува Брвеница директно со автопатот.

„Знаете дека сега од едната страна има влез, од другата нема, така што ќе имаме целосно решение кое ќе овозможи директен излез на автопат на сите населени места кои гравитираат кон општината,“ рече Николоски.

Тој му честита на градоначалникот Илиевски што од првиот повик се искористени сите средства, а во рамки на вториот повик, како што рече, обезбедени се околу 60 милиони денари за реализација на десетина нови проекти.

„Се работи за исклучително успешен градоначалник, човек кој целосно ја трансформира општината. Свесен сум дека неговите опоненти заради тоа се нервозни, свесен сум дека има сериозна нервоза кај неговиот противкандидат, затоа што нема што да каже, не може да се пофали ниту со дела, ниту со проекти, ниту нешто оставил позади себе, и затоа оди на национализам. Тој национализам нема да помине и градоначалникот ќе добие втор мандат, а во вториот мандат првиот состанок ќе му биде со мене,“ изјави Николоски.

Тој најави дека Министерството за транспорт има резервирано дополнителни средства и дека за општина Брвеница ќе биде обезбеден специјален буџет. „Готовите проекти што ќе ги донесе градоначалникот ќе бидат финансирани од Министерството за транспорт и ќе бидат реализирани, затоа што успешните треба да се наградуваат,“ порача Николоски.