Иако на социјалните мрежи повремено се споменуваат тесни фармерки и „цигарет“ панталони, во реалниот свет доминира сосема поинаков тренд.
Имено на улиците низ градовите ширум светот често можат да се забележат широки, лелеави фармерки и предимензионирани панталони, а вторите се омилени на многу познати дами. Кејти Холмс веќе со години негува удобен, но софистициран стил, а оваа недела Џенифер Лопез потврди дека широките панталони се апсолутен хит за оваа есен, пишува „InStyle“.
За време на неодамнешното гостување во емисијата „Today Show“ Лопез блесна во комбинација од кожно сако и панталони со широки ногавици. Плисираниот модел беше изразено предимензиониран, создавајќи совршен спој на класичен и модерен стил. Но, волуменозната силуета не им даде само тренди изглед на панталоните; високиот струк што постепено се шири визуелно ја издолжи фигурата на Лопез, создавајќи илузија на бесконечно долги нозе.
Пантолоните и фармерките со широки ногавици се удобни, ѝ ласкаат на фигурата и го „воздигнуваат“ секој аутфит. Ако сè уште ги немате во вашиот плакар, сега е вистинското време да го промените тоа.