Претседателката на Европската комисија денеска треба да пристигне во Македонија во рамките на турнејата Западен Балкан.
За нејзината политичка биографија се знае многу, но она што се крие зад неа е уште поинтересно и понекогаш како филмска приказна.
Фон дер Лајен веќе одредено време се соочува со репутациска криза поради контроверзите во врска со набавката на вакцина против ковид, а тоа не се единствените проблеми кои ги има, двапати го „преживеала“ гласањето за доверба во Европскиот парламент.
Една од најмоќните жени во Европа делува како скандалите да не ја допираат многу, што не е ниту чудно со оглед на нејзиното искуство во политиката во која влегла кон крајот на 90-тите години. Таа постепено ја јакнела својата положба, додека не станала една од централните фигури на политиките на Стариот континент, а во минатото извршувала повеќе важни функции.
Родена како Урсула Албрехт во Белгија во Иксел, помала општина во регионот Брисел на 8 октомври 1958 година.
Ќерка е на Ернст Албрехт, еден од првите европски државни службеници од воспоставувањето на Европската комисија во 1958 година, баш годината кога Урсула дошла на свет.
Поголем дел од нејзините предци се од Хановер и Бремен, но има и една прабаба од Америка која имала мешовито европско потекло.
Во семејното стебло има познати имиња, како што се трговците на памук Карл Албрехт, Мери Ледсон Робертсон која потекнувала од семејство на сопственик на плантажа во Чарлстон...
Кога имал 13 години се преселиле во Зенде, град во близина на Хановер каде нејзиниот татко станал извршен директор на компанијата „Балзен“ и влегол во политичката структура на државата Долна Саксонија, а дошол и до местото на претседател на кое се задржал од 1976 до 1990 година.
Урсула во 1977 година на Универзитетот во Гетинген запишала студии по економија, но наредната година морала да се пресели во Лондон од безбедносни причини.
На семејството им било кажано дека Фракцијата на Црвената армија наводно сака да ја киднапира како ќерка на Ернст, па Урсула една година престојувала во Велика Британија под заштита, со лажно име Роуз Ледсон.
Таму не губела време туку запишала Лондонско училиште по економија, а проживеала незаборавна година од својата младост.
Како што подоцна раскажала „повеќе живеела отколку што студирала“ затоа што Лондон „е олицетворение на модерното – слобода, животна радост, пробување нови работи“. Ова искуство како што вели, ѝ донело внатрешна слобода која се задржала до денес.
Дома се вратила во 1979 година, но продолжила со години да живее како штитено лице. После враќањето во Германија се запишала Медицинско училиште во Хановер, а лиценцата ја добила во 1987 година како специјализирана за здравје на жените. Одредено време работела во Женската клиника, а дипломирала како докторка по медицина во 1991 година.
Во политиката влегла во 1990 година како член на христијанско-демократската унија на Германија. Потоа, по животот во Калифорнија се вклучила во локалната политика на Долна Саксонија.
Во Бундестагот влегла во 2005 година, а од тогаш била министерка за семејни прашања и млади, министерка за труд и социјални прашања, министерка за одбрана...
На местото претседателка на ЕК е од 2019 година кога станала првата жена на оваа функција и прва личност од Германија на чело на ЕК.
Презимето под кое денес ја знае цел свет го добила по венчавката со д-р Хајк фон дер Лајен, член на угледно семејство кое стекнало богатство со трговија на свила.
Тие се познавале од студентските денови кога се запознале во универзитетскиот хор во Гетинген, а по венчавката во 1986 година живееле во Америка.
Парот заедно има седум деца кои се родени во периодот меѓу 1987 и 1999 година, а семејството живее традиционално.
Кога не води разговори со светските лидери и не претседава во Европската комисија, Урсула со семејството води мирен и повлечен живот.
Тие живеат на фарма во Бургдорф, во близина на Хановер каде имаат многу коњи. Малку е познато дека Урсула е страсна јавачка на коњи и во минатото учествувала на бројни натпревари.