Швајцарски весник: Србија е руска база за дестабилизација на Европа

Точка

07/10/2025

21:35

1.103

Големина на фонт

а а а

Швајцарскиот дневен весник „Neue Zürcher Zeitung“ (NZZ) го поставува прашањето дали политиката на балансирање на Србија меѓу источните и западните сили почнала да се „лула“ и дали Србија всушност служи како руска база за дестабилизација на Европа, пренесе „Дојче веле“.

На почетокот од текстот, авторот наведува дека властите во Србија „воздивнале со олеснување кога изборите во Молдавија пред нешто повеќе од една недела поминале без поголеми инциденти“. Потоа се потсетува дека полицијата во Молдавија спровела 250 рации и уапсила 74 лица пред изборите.

„Според молдавските власти, уапсените биле обучени во кампови во Србија. Таму, наводно, биле обучени за тактики и методи на напад и отпор против безбедносните сили. Молдавија ја гледа Русија како организатор, која сака да ја спречи проевропската насока на таа мала земја“.

Свински глави пред џамиите

Швајцарскиот весник понатаму пишува: „Обвинувањата добија на тежина кога, четири дена по рациите во Молдавија, и српските безбедносни сили уапсија две лица. Двајцата Срби се осомничени за организирање паравоена обука за 150 до 170 Молдавци и Романци помеѓу 16 јули и 12 септември.“

Во текстот се наведува дека по овие апсења, се чинело дека Србија избегнала дипломатска катастрофа. „Сепак, Белград, кој одржува блиски врски со Москва, сега мора да се соочи со многу непријатно прашање: дали Србија служи како база за руските обиди за дестабилизација на Европа?“.


Авторот сугерира потврден одговор на поставеното прашање, наведувајќи уште еден пример за дестабилизирачка активност што има корени во Србија: „Во понеделник, три дена по првите две апсења, српското Министерство за внатрешни работи објави дека полицијата уапсила уште единаесет лица, сите Срби.

Тие се осомничени дека поставиле отсечени свински глави пред неколку џамии во Париз на почетокот од септември. Тие, исто така, во периодот помеѓу април и септември наводно фрлале зелена боја (бојата на исламот) врз еврејските институции како што се Музејот на холокаустот и неколку синагоги во пошироката област на Париз“.

Швајцарскиот весник цитира соопштение од српското Министерство за внатрешни работи, според кое уапсените лица се осомничени дека за таквите дејствија поминале низ обука во Србија „по наредба на странска разузнавачка служба“. Нивната наводна цел била „да поттикнат омраза, дискриминација и насилство врз луѓе од различно потекло, боја на кожа или религија“.


Текстот потсетува дека Франција во јуни обвини тројца Срби за напад со боја врз еврејска институција и дека Франција, како и Молдавија, се сомнева во Русија за организирање на овие дејствија.

„Според безбедносните експерти, веројатноста дека вакви кампови за обука се организирани во Србија без знаење на безбедносниот апарат, а со тоа и на режимот, е исклучително мала. Уште во 2024 година, во пресрет на претседателските избори во Молдавија, циркулираа информации за кампови контролирани од Русија за молдавски бунтовници во Србија и српскиот ентитет во Босна и Херцеговина. Во тоа време, српските власти молчеа“.

Зошто токму сега?

Сега швајцарскиот весник го поставува прашањето: зошто апсењата во Србија се случуваат токму сега, кога тие фрлаат лошо светло врз земјата?

„Ова веројатно има врска со политиката на балансирање на српскиот претседател Александар Вучиќ. Со години, Вучиќ се обидува да одржува добри, а пред сè профитабилни, односи со Русија, ЕУ, САД и Кина. Стратегијата досега давала резултати. Инвестициите пристигнувале и од Запад и од Исток. Вучиќ беше гостин во Берлин, Брисел, Пекинг, Москва и Мар-а-Лаго. Меѓутоа, тој сè повеќе им предизвикува главоболки на Европската Унија и САД, како и на Русија“, се вели во текстот.


„Имаме проблем во Белград“

Авторот потсетува на фактот дека Брисел е сè повеќе загрижен за авторитарниот начин на кој режимот се однесува кон учесниците во протестите што траат речиси една година, и ја цитира комесарката за проширување Марта Кос, која пред неколку недели изјави: „Имаме проблем во Белград“.

Текстот дополнително потсетува дека Европската народна партија, најсилната групација во Европскиот парламент, неодамна разгледуваше санкции или дури и исклучување на Српската напредна партија на Вучиќ.


Меѓутоа тука е и гневот на Москва поради испораките на српска муниција и оружје во Украина, но и стравовите на Србија и Русија поради најавените санкции на САД против Српската нафтена индустрија, која е во претежно руска сопственост.

Балансирањето станува сè потешко

Авторот заклучува дека и обуката во Србија и апсењата на осомничените се само еден пример за степенот до кој на Белград му станало тешко да балансира помеѓу Истокот и Западот. „Дали апсењата беа извршени исклучиво за да се избегнат санкции против НИС – засега останува прашање на шпекулации“.


Текстот ја цитира реакцијата на српскиот претседател на зголемениот притисок: „Вучиќ, во меѓувреме, ги напаѓа и западните и источните партнери. Во интервју за германскиот весник „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ (FAZ), тој ги нарече неодамнешните руски обвинувања во врска со испораката на српска муниција „несомнено најнавредливата изјава против Србија“ што некогаш ја слушнал. Истовремено, тој повторно ги обвини западните разузнавачки служби за финансирање на револуцијата во Србија. Како и обично, тој не даде никакви докази“.