[ВИДЕО] Лабудовиќ: Центар ќе биде современа и дигитална општина

Макфакс

07/10/2025

13:15

134

Големина на фонт

а а а

Современа и ефикасна општина не се гради само со улици, паркови и згради – таа се гради со доверба. Доверба меѓу граѓаните и институциите, доверба во секоја одлука и во секој потрошен денар.

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, најави дека еден од неговите најважни приоритети ќе биде воведување на целосно нов систем на дигитална и транспарентна администрација.

„Нашата цел е Центар да стане најтранспарентна општина во државата. Граѓаните заслужуваат да знаат што, каде и како се работи со нивните пари. Затоа ќе ја воведеме апликацијата „Моја општина“ – дигитален сервис што ќе овозможи директна и отворена комуникација меѓу општината и жителите,“ изјави Лабудовиќ.

Преку апликацијата, како што појасни, секој граѓанин ќе може лесно да пријави проблем, да постави прашање, да добие конкретен одговор и да ги следи активностите во реално време. Во неа ќе бидат достапни сите информации за функционирањето на општината – од состојбата со паркинг-местата и јавните услуги, до тековни проекти, тендери и буџетски трошоци.

Особено внимание, според него, ќе биде посветено на воведување на системот „Отворен буџет“, преку кој јавноста ќе има постојан увид во распределбата на општинските средства. На едноставен и транспарентен начин, секој жител ќе може да провери каде завршува секој денар – од проектите за хигиена и инфраструктура, до урбанистички и еколошки програми.

„Транспарентноста не смее да биде формалност. Таа мора да стане темел на модерното управување. Со редовно објавување на сите трошоци, договори и реализирани активности, ќе изградиме нов систем на доверба. Центар ќе биде општина која комуницира со своите граѓани – јавно, отворено и одговорно,“ нагласи Лабудовиќ.

Покрај тоа, се планира и воведување на дигитален контакт-центар и систем за известување во реално време, преку кој граѓаните ќе можат брзо да добиваат важни информации – за сообраќајот, јавните настани, хигиената и сите тековни активности во нивното маало.

Со овие решенија, истакнува, Центар ќе стане пример за модерна, дигитална и отчетна општина – општина во која технологијата ќе биде во служба на луѓето, а секоја одлука ќе биде јавна, достапна и проверлива.

„Ние сакаме Центар да биде место каде граѓаните не чекаат одговори – туку ги добиваат веднаш. Општина која не се крие зад бирократија, туку ја користи дигитализацијата за да служи подобро, побрзо и почесно. Така се гради доверба, така се гради вистинска заедница,“ порача Лабудовиќ.

Според визијата на кандидатот, Центар ќе ја врати изгубената врска меѓу институциите и граѓаните, претворајќи ја во модел на управување за целата држава.