Владата на денешната седница ја усвои одлуката за доделување финансиски средства на двата национални парка „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на доделувањето на средствата е зајакнување на институционалните капацитети и одржлив развој на овие заштитени подрачја.
Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“, и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија.
„Овие средства ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите на овие паркови, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за имплементација на иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2“, соопштија од Министерството.