"Најубавото село во светот" се гуши од туристи – животот станал невозможен

Точка

30/09/2025

20:02

6.136

Големина на фонт

а а а

Некогаш мирно прибежиште во Котсволдс, селото Бибери денес се бори со последиците од сопствената убавина. Поетот од 19 век, Вилијам Морис, го опиша како „најубавото село во Англија“, што годинава го потврди и „Forbes“. Но денес, идиличните сцени речиси е невозможно да се доживеат во мир – селото страда од прекумерен туризам, а тесните улички секојдневно ги блокираат туристички автобуси и орди посетители во потрага по совршеното селфи, пишува „The Guardian“.

Според зборовите на дел од 600-те жители, животот во Бибери станал неподнослив. „Имаме прекрасно место кое сакаме да го споделиме, но нивото на туризам и ордите луѓе што доаѓаат го направија целосно непријатно, а инфраструктурата не може да издржи“, вели Лин Едвард, која живее во селото шест години.

„Сè што сакаат е да дојдат и да се фотографираат. Не остануваат во селото. Не се задржуваат доволно долго за навистина да ја впијат убавината и историската вредност. Буквално, се е само за селфи.“



Проблем по име TikTok

Бројот на посетители драстично пораснал во последниве години, во голема мера благодарение на популарноста на социјалните мрежи како „TikTok“. Тоа ги поттикнало локалните власти да се обидат да го ограничат бројот на автобуси што влегуваат во селото. Се планира промена на распоредот на паркинг местата за да се спречи застанување на туристичките автобуси кај Лебедовиот мост во центарот.

Едно обично попладне, малото паркиралиште е преполно, а од автобусите излегуваат туристи со телефоните во воздух. Една жена поставува статив среде улица. Дваесет минути подоцна – сите исчезнуваат. Во кратка прошетка низ селото, особено покрај "Arlington Row" – познатите куќички од 14 век, кои важат за едни од најфотографираните во Британија – се слуша мешавина од јазици, од шпански и јапонски до американски англиски.


Бизнисот цвета, но по која цена?

Не сите жители имаат исто мислење. Некои, чии бизниси зависат од туризмот, сакаат да го задржат приливот на посетители. Ангус Хеј, директор на фармата за пастрмка „Bibury Trout Farm“, сместена спроти паркингот, признава дека проблем постои. „Се согласуваме дека мора нешто да се преземе“, вели Хеј. „Мора да се управува со тоа. Последните неколку лета дефинитивно беше сè побурно.“ Неговата компанија планира изградба на паркинг за автобуси на периферијата на селото за да се намалат турканиците во центарот.

Хеј истакнува дека шест локални компании вработуваат околу 150 луѓе од селото и околината. Но Лин Едвард го отфрла аргументот за економска корист. „Не верувам дека придонесуваат за селото во смисла на поддршка на пабовите и рестораните, бидејќи не се тука доволно долго. Се задржуваат само 20 минути.“


Живот како во тематски парк

Водич на една туристичка тура што минува низ селото објаснува дека нивната еднодневна тура од Лондон во Бибери вклучува само 30 минути престој, тврдејќи дека тоа е „поодржливо“. Изјавата предизвикала само превртување со очите кај мештаните. Викторија Самерли, новинарка што живее во селото од 2012 година, ја нарекува таа идеја смешна. „Не е одржливо бидејќи автобусите стојат со вклучени мотори цел ден за да работи климата“, вели таа.

Самерли додава дека била сведок на конфликти меѓу жителите и туристите кои ѕиркаат во нивните домови и ги фотографираат без дозвола. Во локалниот паб „Catherine Wheel“, персоналот признава дека без туристите не би опстанале, но исто така споделува приказни за посетители кои им ги блокирале приодите или, што е најбизарно, ги сметале за актери во жив тематски парк. „Ова трае со години“, заклучува еден од гостите во пабот. „И не гледам дека ќе се реши во блиска иднина.“