„Беше навистина лошо – имавме пациенти кои умираа на листите за чекање, а политичарите стануваа очајни“. Јеспер Фискер, генерален директор на Данското друштво за борба против рак, се присетува на моментот пред 25 години кога Данска одлучила да го трансформира својот пристап кон лекувањето на ракот.
Во тоа време, вели Јеспер Фискер за Би-би-си, Данска немала добра репутација.
„Беше катастрофа. Гледавме дански пациенти како на свој трошок купуваат авионски билети за Кина за да добијат разни третмани, загрозувајќи го сопственото здравје.“
Некои заминувале во приватни болници во Германија, кои нуделе нови третмани недостапни во Данска.
Тогаш Данска имала лоши резултати во споредба со другите богати земји. Истото важело и за Велика Британија.
Од 1995 до 1999 година, петгодишната стапка на преживување од рак на ректумот во Данска била речиси иста како и во Велика Британија – околу 48%, според Меѓународното партнерство за споредување на ракот. Тоа ги ставало значително под Австралија, која имала стапка од 59%.
Денес, благодарение на храбриот план, Данска значително ги подобрила своите резултати.
До 2014 година, петгодишната стапка на преживување од рак на ректумот пораснала на 69%, речиси колку и во Австралија. (Во Велика Британија исто така пораснала, но само на 62%.)
Аналитичарите веруваат дека овој тренд веројатно продолжил. Слична приказна важи и за други типови рак – вклучувајќи рак на дебелото црево, желудникот и белите дробови.
Болница како галерија
Влегувањето во болницата Херлев на периферијата на Копенхаген е сосема поинакво искуство од доаѓањето во просечна британска болница.
Фоајето е украсено со живописни, шарени слики од данскиот уметник Поул Гернес – вкупно 65.
Installationsview fra udstillingen ”Hvad gør kunst på hospitaler”, Poul Gernes, rekonstruktion af sengestue til Herlev Hospital, KØS 2017, foto: I DO ART Agency
Posted by MAPS - Museum of Art in Public Spaces on Wednesday 4 October 2017
Филозофијата е дека бесконечните бели ѕидови можат да ги вознемират пациентите, додека боите можат пријатно да им го одвлечат вниманието од проблемите.
Тоа е показател за тоа колку внимание Данска посветува дури и на атмосферата во болниците – мали, внимателно осмислени детали, покрај инвестициите во традиционална медицинска опрема.
Д-р Мајкл Андерсен, консултант радиолог и вонреден професор во болницата, покажува ултрамодерен скенер – само четврти од ваков тип што е во употреба во светот.
Купувањето болничка опрема, како овие скенери, била централна точка во данскиот план за борба против ракот.
„Во 2008 година, владата одлучила да направи големи инвестиции во системи на скенери“, објаснува д-р Андерсен. „Купија помеѓу 30 и 60 – тие се составен дел од нашата работа.“
Посебно важни се ЦТ скенерите, кои овозможуваат детален преглед на внатрешноста на телото. Данска денес има околу 30 скенери на милион жители, додека просекот во другите богати земји е 25,9.
Инвестициите во опремата доведоа до огромно проширување на капацитетите за дијагностика во Данска, велат експертите.
Хемотерапија дома, строги рокови
Ова е само дел од големиот план кој го осмислиле данските здравствени лидери.
Покрај воведувањето на нова опрема и промислувањето на болничката средина, им беше овозможено на пациентите да примаат хемотерапија дома. Воведени се и нови национални стандарди кои регулираат колку брзо пациентите мора да бидат лекувани.
По упатувањето, дијагнозата рак мора да биде поставена во рок од две недели. Ако е потребно лекување, мора да започне во рок од две недели од дијагнозата.
Ако овие рокови не се почитуваат, пациентите имаат право да се префрлат во друга болница – или дури во друга земја – а трошоците сепак ги покрива данскиот здравствен систем.
Повеќе од само „лекување“ на рак
Елизабет Кетелсен (82) денес сè уште е активна, плива на меѓународни натпревари и поставила светски рекорди во својата категорија. Но, во 2022 година открила грутка на градата.
„В понеделник отидов кај лекарот – веќе в четврток имав мамографија и биопсија, и од тогаш сè се случуваше толку брзо што ми се вртеше во глава.“
Три недели по дијагнозата, Елизабет имала операција. Две недели подоцна започнала и радиотерапија.
Минатата година ракoт се врати на ‘рбетот, и веднаш ѝ биле препишани таблети за хемотерапија и хормонална терапија. Ракот се стабилизирал и ја прекинала хемотерапијата.
Повторно се вратила во базенот, натпреварувајќи се во Сингапур. „Системот функционира“, вели таа.
Се разбира, не се сите пациенти толку задоволни, но данските власти тврдат дека целите за брза дијагностика на рак се остваруваат кај околу 80% од пациентите.
Отворени се и куќи за советување, каде пациентите добиваат психолошка поддршка и дружење. Поголемиот дел од финансирањето доаѓа од волонтерскиот сектор, со помала помош од државата.
Mете Енгел, која води една таква советувалиште во Копенхаген, вели дека менталното здравје е важен дел од данскиот план: „На себе гледаме како национален дел од овој систем на поддршка.“
Предности на хемотерапија во домашни услови
Данска сè повеќе се насочува кон тоа пациентите да се лекуваат надвор од болниците – дел од поширока промена на здравствениот систем кон заедницата.
Мајкл Циглер, градоначалник на Хоје-Тааcтруп кај Копенхаген, кому во 2022 година му била дијагностицирана леукемија, по трансплантација на матични клетки се вратил на работа за седум месеци.
Тој примал хемотерапија дома со помош на таканаречена „хемо пумпа“.
„Можев да имам квалитетен живот, да правам работи што сакам, наместо да бидам затворен во болничка соба. Во болница секогаш постои ризик од инфекции, а хемотерапијата го намалува имуниот систем на минимум.“
Сè уште нема големи студии, но се претпоставува дека хемотерапијата дома може да ги зголеми шансите за преживување затоа што го намалува ризикот од болнички инфекции.
Неговава болест се вратила и тој повторно започнува лекување, вклучувајќи хемотерапија и нова трансплантација. Вели дека е „оптимист“.
На крајот, клучот на успехот на Данска беше политички консензус. Од деведесеттите години сите партии се согласиле дека борбата против рак е приоритет.
„Ако сте навистина решени и подготвени да инвестирате, може да се постигне“, вели Јеспер Фискер. „Но ништо не доаѓа без вложувања.“