[ФОТО/ВИДЕО] „Град којшто умира“: Дестинација која треба да ја посетите пред целосно да исчезне

Точка

11/09/2025

20:38

759

Големина на фонт

а а а

На самиот врв од вулканските карпи лежи Цивита ди Банореџо – сликовито гратче кое со векови му пркоси на времето, но денес полека исчезнува.

Поради ерозијата и кршливоста на тлото на кое е изградено, ова место го добило прекарот „град којшто умира“.

Токму таа кревкост му дава посебна магија, претворајќи го во дестинација која многумина сакаат да ја видат пред целосно да исчезне.

Градот на карпа којшто се топи пред очите

Овој град е издигнат на огромна карпа која полека се руши пред влијанието на природата. Куќите од камења, тесните улички од калдрма и поглед којшто го одзема здивот сведочат за неговото богато минато. Сепак, опасноста од исчезнување на ова место му дава една магична и носталгична атмосфера, како да чекорите во град на духови којшто се бори да преживее.


До градот – само преку мостот

До овој град може да стигнете исклучиво пешки и тоа по долг и стрмен мост којшто води директно до центарот на градот.

Мостот е своевремена атракција сама по себе, додека го преминувате пред вас се отвора поглед на непрегледната долина Лација и на драматичната карпа на која градот стои. Влегувањето во него се наплаќа пет евра до 20 часот, додека пак влезот после 20 часот е бесплатен.


Што ве очекува во овој град?

Во внатрешноста на ѕидините како времето да запрело. Уличките од калдрма, камените куќички, малите продавнички и романтични ресторани нудат интимна атмосфера која ретко се сретнува. Заоѓањето на сонцето тука е посебно искуство, кога златната светлина се прелива на старите фасади, градот изгледа нереално. Доколку таму отидете доцна навечер, ќе го избегнете метежот, а може да наидете и на бесплатен паркинг во подножјето.


Зошто вреди да се посети овој локалитет?

Ова место не е само уште едно италијанско гратче, тоа е симбол на минливоста и убавината кои исчезнуваат пред нашите очи. Посетата на ова место не потсетува да уживаме во моментот и да го чуваме она што ни е оставено од минатото.

Доколку планирате да патувате во Италија, ставете го ова гратче на листата на желби затоа што можеби ова е последната прилика да го видите во негов полн сјај.