Помалку познатото европско летувалиште со бели песочни плажи, стар град под заштита на УНЕСКО и пиво кое чини помалку од 3 евра, го зазеде првото место на новиот список евтини морски дестинации.
Во потрага по нови, поволни морски дестинации, Несебар, малиот приморски град во Бугарија, прогласен е за најдобар избор за одмор.
„EasyJet“ составил индекс за да ги привлече туристите во помалку посетените приморски места и кога не е сезона.
Познат и како „Бисер на Црното море“, Несебар е едно од најдобрите бугарски летувалишта кое ја спојува историјата, културата и морскиот шарм. Улиците од калдрма и богата понуда на морски специјалитети дополнително го издвојуваат.
Над крајбрежјето се наоѓаат природните убавини на планината Странџа и резерватот на природата Ропотамо кои нудат одлична можност за планинарење, набљудување на птиците и обиколување на традиционалните села.
Над 3.000 години старата населба во 6 век пред наша ера станала грчка колонија. И денес можат да се видат остатоци од хеленистичкиот период како што е храмот на Аполон. Куќите од 19 век претставуваат типична црноморска архитектура од тоа време.
Несебар не е само историја – градот е одлично место за спортови на вода, а во близина се наоѓа и семејниот аквапарк „Aqua Paradise“.
Во текот на ноќта градот го оживуваат баровите, клубовите и богатиот ноќен живот. Според „EasyJet“, Несебар е исклучително поволен: пиво чини околу две евра, сладолед 1,39, семеен оброк околу 33 евра, а хотелско сместување може да се најде и за 52 евра од вечер.
Кевин Дојлс, менаџер на „EasyJet“ изјавил:
„Иако летото е зад нас, раниот есенски период и натаму нуди многу можности за убаво време ширум Европа. Нашиот индекс на евтини плажи дава разновиден избор на поволни дестинации за сите кои сакаат малку сонце и забава за пониски цени“.