По загрижувачката вест од италијанските медиуми дека Масимо Морати е згрижен на интензивно одделение во позната болница во Милано, најновите информации се далеку попозитивни од оние кои пристигнаа пред една седмица, а воедно се остварување на прогнозите кои ги имаа лекарите и покрај сериозната состојба.
Морати беше интубиран поради опасна пневмонија и инфекција на белите дробови, но после седум дена минати на интензивна нега, легендарниот претседател на Интер бил преместен во одделение за постабилни пациенти.
80-годишниот Морати има добра прогноза за своето здравје во овој момент откако ги надминал најсериозните компликации, но ќе остане уште неколку денови во болница каде ќе му се мониторира ситуацијата.
Како што јавуваат од болницата во Милано, Морати дише самостојно од саботата и е тргнат од апарати, а веста е потврдена за медиумите и од блиски членови на неговото семејство.
Оваа информација секако наиде на голем поздрав во фудбалската заедница во Италија, а особено меѓу навивачите на Интер кои изминативе денови му искажуваа голема поддршка.