Алкалоид доби најтежок можен противник во баражот за Европската лига на ЕХФ и загуби со десет голови разлика на гостувањето во Германија, резултат кој дефинитивно беше превисок и нереален за она што се случуваше на теренот.
Хановер максимално профитираше од грешките и нереализираните зицери на избраниците на Кирил Лазаров, па затоа предводникот на Алкалоид верува дека саботниот натпревар кој се игра во Скопје ќе биде една сосема поинаква приказна.
Пред да дојде време за игра, Алкалоид ќе го подигне трофејот во ЕХФ Купот кој го освои минатата сезона, а Лазаров се надева дека присутните гледачи во продолжение ќе бидат почестени со една комплетна изведба од неговиот тим.
– Ни следи реваншот против Хановер, тим за кој непотребно е да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига во светот, а оваа година се засилија со уште неколку искусни ракометари. Искрено, јас жалам што загубивме со нерелани 10 голови разлика, но тоа е што е.
– Во сабота е убав ден во Скопје, ќе го подигнеме првиот европски трофеј кој минатата сезона го освоивме со македонски тим кој постои само три години во Суперлигата, базиран на проект со македонски играчи. Не е убаво чувството да подигнете трофеј со десет голови негатива од Германија, но ќе се обидеме да се прилагодиме и да ги почестиме навивачите со достоинствено издание.
– Сакаме да го презентираме македонскиот ракомет со комплетен натпревар од наша страна, побарав од играчите да го остават срцето на терен поради себе, за проектот, но и за навивачите. Имаше разочарување, имав непроспиени ноќи по натпреварот во Германија, но таков е спортот. Исто така, жалам што македонската јавност не го гледаше натпреварот и што не виде дека навистина не заслуживме пораз од десет гола во Германија, – изјави Лазаров на денешниот прес.