Фереро: Можеме да имаме предност против Ѓоковиќ само во еден случај

Дерби

04/09/2025

12:48

2.041

Големина на фонт

а а а

Карлос Алкарас без ниту еден загубен сет се пласираше во полуфиналето на Ју-Ес Опен, а во оваа рунда го чека ривал од кого загуби на последните две меѓусебни пресметки.

Новак Ѓоковиќ го победи младиот Шпанец во финалето на Олимписките игри и во четвртфиналето на Аустралијан Опен оваа година, па во ситуација кога Карлито има голем мотив да му се реваншира на Србинот, тренерот е оној кој треба да се погрижи за тактиката, но и за контролирање на емоциите.

Хуан Карлос Фереро во интервју за шпанските медиуми го најави полуфиналниот спектакл кој е закажан за утре, а според него, Алкарас не може да се смета за фаворит во дуелот со најголемиот во историјата.

– Во вакви мечеви каде играат врвни тенисери, не постои фаворит. Не може да бидете фаворит со најдобриот во историјата, не би се осмелил да го кажам тоа. Точно е, Карлос игра спектакуларен тенис во изминативе неколку недели, го освои и Синсинати и тоа е дополнитемла мотивација, но да бидете фаворит против Ноле се преголеми зборови.

– Исто така, не ми се допаѓа зборот одмазда. Точно е, Алкарас има голема желба за игра после двата порази, а последниот пораз во Австралија беше навистина болен. Го добивме првиот сет, изгледаше дека Ѓоковиќ е повреден, а потоа Новак заигра неверојатно добро. Тука условите за игра ќе бидат различни. Таму се играше навечер, а тука најверојатно ќе се игра преку ден. Тоа може да биде мала предност за нас, можеме да имаме мала предност само во тој случај.

– Како и да е, не смееме да се опседнеме со играта на Новак, треба да се фокусираме на она што го правевме добро досега и да го извадиме најдоброто од Алкарас, – вели Фереро.