Потресно сведоштво на поранешниот УФЦ борец: „Умрев четири пати, срцето ми застана 20 секунди“

Точка

10/07/2025

16:16

704

Големина на фонт

а а а

Бен Аскрен (40), поранешен УФЦ борец, пред два месеца заврши во болница поради воспаление на белите дробови. Итно беше хоспитализиран, но неговата здравствена состојба нагло се влоши поради стафилококна инфекција. Поради тежината на состојбата, беше ставен во индуцирана кома, по што следуваше ризична операција и трансплантација на нови бели дробови.

Состојбата била толку критична што Аскрен изгубил сеќавање за период од речиси два месеца. Неговата сопруга водела дневник за сè што се случувало, кој тој подоцна го прочитал за да дознае што точно преживеал.

„Само што ги прочитав забелешките од дневникот на сопругата, бидејќи ништо не се сеќавам од 28 мај до 2 јули. Немам поим што се случувало. Читањето на дневникот на Ејми беше како да гледам филм – едноставно неверојатно. Умрев четири пати. Срцето ми застана околу 20 секунди. Тоа баш и не е пожелно, се надевам дека го знаете тоа. Но, добив нови бели дробови. Секој ден добивам сè повеќе сила и повторно учам да ги користам функциите на телото. Вчера се качив на вага – тежев 66,6 килограми. Не сум имал толку малку килограми од петнаесеттата година. Изгубив околу 22 килограми за 45 дена. Тоа беше вистинска борба. Повеќето од тоа не го ни паметам.“


Целата боречка заедница застана зад него и му даде поддршка.

„Најмногу ме допре количината љубов што ја почувствував од сите страни. Како да имав сопствен погреб. Се сеќавам, пред 30 години кога почина Дејв Филипс, постарите луѓе раскажуваа колку го сакале и колку им значел. А тој, се разбира, никогаш не го слушнал тоа. Реакцијата на боречката заедница беше неверојатна. Се чувствував толку сакан. Сега сум помотивиран од кога било – сакам да се вратам, да дадам сè од себе и да помагам колку што можам. Ве сакам, благодарен сум на сите. Беше тешко, не само за мене, туку и за моето семејство и заедницата. Ви благодарам за сè. Се надевам дека оваа објава нешто ќе ви значи. Како што реков, можеби еден ден Ејми и јас ќе ја раскажеме целата приказна подетално“, додаде Аскрен.


Поради компликациите, мораше итно да се подложи на високоризична трансплантација на бели дробови, што бара долг период на рехабилитација. Сето тоа оставило сериозни траги на неговото тело – ослабнал повеќе од 22 килограми.

Аскрен ја заврши својата "ММА" кариера пред шест години со биланс 19 победи и 2 порази. Беше шампион во велтер категорија во организациите "ONE" и "Bellator", а во УФЦ имаше три борби – една победа и два порази. Пред четири години се обиде и во бокс, каде загуби од јутјуберот Џејк Пол.