Трагичната сообраќајна несреќа во која погинаа Диого Жота и Андре Силва уште долго ќе биде топ тема во фудбалската јавност, а посебно во Португалија и Шпанија.
Фудбалерот на Ливерпул и неговиот брат го загубија животот веднаш по влегувањето од Португалија во Шпанија, а првичните информации од истрагата на полицијата наведуваа на заклучок дека Жота возел и пребрзо во моментот кога пукнатата гума била причина да ја загуби контролата врз автомобилот.
Сепак, тој став не го дели возачот на камион, кој претходно бил претекнат од Жота и прв дошол на местото на несреќата.
– Не возеа брзо и тоа го кажувам со чиста совест.
– Знам што видов таа ноќ, застанав да помогнам, но за жал не можев ништо да направам.
– Сакам да му пренесам на семејството дека возеа со нормална брзина, го видов автомобилот јасно и по боја и по марка, но тој пат е мрачен и многу опасен, – вели Жозе Азеведо, кој својата изјава ја дал за португалски медиум.
Жота и Силва патувале навечер на пат кон Сантандер, од каде следниот ден требало да се качат на ферибот на пат кон Ливерпул.