Крај на една ера: Фестивалот „Exit“ наредната година се сели од Нови Сад – пред познатите пирамиди!

Точка

10/07/2025

13:15

3.507

Големина на фонт

а а а

По објавата дека овогодишниот „Exit“ фестивал ќе биде последен којшто ќе се одржи во Србија, од организацијата потврдија дека наредната година музичкиот настан ќе се одржи во Египет.

Во последниов период на социјалните мрежи се шпекулираше за тоа која ќе биде наредната локација на престижниот фестивал „Exit“, а се спомнувал токму Египет.

Од „Exit“ потврдија дека е потпишан договор со египетска компанија за организирање на музичкиот настан пред пирамидите и тоа наредната година, додека пак официјалната презентација на тој проект треба да биде одржана по прославата на 25-годишнината од „Exit“.


Да ве потсетиме, минатиот месец од „Exit“ откриле дека поради поддршката на студентите биле под огромни притисоци, па затоа одлучиле овогодишниот фестивал да биде последен којшто ќе се одржи во Србија.

„Од моментот кога минатата година јавно застанавме покрај студентите и нивната борба за слободно и праведно општество во Србија, изложени сме на огромни финансиски и други притисоци, со цел да ни се укине правото на слободно мислење и говор.

Иако целосно ни е скратено јавното кофинансирање на сите нивоа од Владата, без кое во ограничени српски економски рамки долгорочно не е можно да се реализира фестивал со големина и реноме на „Exit“, не се согласуваме да бидеме замолчени“, порачале тие.


Тие сметаат дека слободата нема цена и поради тоа, овогодишното јубилејно издание на фестивалот ќе биде последно кое се случува во Србија.

Фестивалот „Exit“ започнува денеска, а ќе трае до 13 јули во Нови Сад, а како што беше соопштено заедно со студентите ќе се одбележи 25 години постоење на фестивалот.