Бојан Јовановски (Боки 13) повторно можеме да го следиме во етерот со неговиот нов поткаст. Неговата вчерашна гостинка беше познатата македонска актерка Весна Петрушевска (Весна Бејби).
Бејби е позната по својата искреност, транспарентност и пред сè по тоа што нема влакна на јазикот. Но, овојпат со една изјава засени сè што можеби досега ја изненадило јавноста.
Имено, таа за првпат проговори за нејзината љубовна афера со поранешниот премиер и претседател, Бранко Црвенковски.
„Ме гледаше на една претстава и ми пријде. Со еден збор – шмекер!“, раскажа Петрушевска, додавајќи дека нивната врска траела речиси една година.
Според неа, Црвенковски бил „прекрасен, препаметен и прецизен во мислите“, но и вистински шмекер во приватниот живот. Таа откри дека за време на нивната врска се гледале во приватен стан во скопската населба Капиштец, додека тој сè уште ја извршувал функцијата премиер на Република Македонија.
„Го паметам како еден исклучителен човек, не само интелектуално, туку и човечки додаде таа без да открива повеќе детали.
Откако оваа контроверзна изјава предизвика бројни коментари и ги разгори социјалните мрежи, актерката не остана должна и се огласи на својот инстаграм профил.
„Затоа што сите сте многу чесни, а се потепавте од изневерување и прељуби, затоа што се потепавте да играте улоги на добри родители, а децата ви се неписмени, затоа што морализирате, а подалеку од носот не сте мрднале, затоа што и покрај тоа што ми се случува во животот јас не престанав да бидам посветена мајка, професорка на илјадници деца кои се пример за ова општество, затоа што се борам за значајни нешта во оваа држава, затоа што имам над 3000 изведби, над 700 ТВ проекти, вие се фативте за афера кога сум била младо девојче и притоа сама одлучувам да си ја кажам оти ми е гајле што ќе кажете и точно знаев дека ќе морализирате оти вие сте чесни, вие не правите ништо освен што сте јаки на тастатура. Јас исчував деца оставени, сама направив кариера, сама создавам! Се извинувам што не сум светец-светица како вас. Уф ќе заборавев бев прва и на барикадите за македонскиот јазик и идентитетот, вие веројатно сте имале попаметна работа. Фала многу и пријатно, струја дома не ми плаќате – срцки тие па и неталентирано духовити; да не заборавам и покрај најтешката битка, а тоа е ракот јас не престанав да бидам насмеана, да работам и да се борам за сите на оваа тема. Ама вас не ве фаќа тоа нели?“, напиша Петрушевска.