[ФОТО/ВИДЕО] „Најголемиот“ воден парк во светот има песочна плажа долга 1 километар, 105 тобогани и забавни возења

Точка

02/07/2025

12:41

2.000

Големина на фонт

а а а

„Aquaventure World“ е најголемиот воден парк во светот, односно воден парк со најголем број водни тобогани и возења според Гинисовата книга на рекорди. Се простира на 22,5 хектари на вештачкиот остров Палм Џумеира и е дел од хотелот „Atlantis – The Palm“ во Дубаи.

Паркот е поделен на три главни области наречени Нептун, Посејдон и најновата и најекстремна – „Trident Tower“. Заедно, тие опфаќаат 23,5 милиони литри свежа вода, која се користи во 105 тобогани и водни атракции за сите возрасти.



Во него можат да се пронајдат и возбудливи атракции за постари лица, како што е највисокиот воден тобоган во светот наречен „Odyssey of Terror“, кој е висок 50 метри, или „Leap of Faith, кој е речиси вертикален и ве води низ проѕирен тунел опкружен со ајкули.



За најмалите, тука е Зоната на распрскувачи – посебен дел од паркот наменет за деца со помали лизгалки и распрскувачи.


Во рамките на „Aquaventure World“ се наоѓа и аквариум со повеќе од 65 илјади морски животни, како и „Dolphin Bay“ – место каде што посетителите можат да пливаат со делфини. Исто така во рамките на паркот можат да се истражат и Изгубените комори – лавиринт од подводни коридори и премини што овозможуваат увид во древната Атлантида.

Таму ќе најдете и песочна плажа резервирана само за посетителите на паркот, која е долга дури еден километар, бројни кафулиња и ресторани – буквално сè, од брза храна до фајн дајнинг.

Гостите на хотелот „Атлантис“ добиваат бесплатен влез во водниот парк. Другите заинтересирани мора да платат основна влезница, која за деца изнесува 295 дирхами, односно околу 69 евра, а за возрасни 345 дирхами, или околу 80 евра. Ако сакате да пливате со морски лавови или делфини, цената на влезницата се зголемува за уште околу сто евра.