[ФОТО] На овој мост некогаш се тргувало со месо, а денес се продава злато! Сè се променило поради смрдеата која стигала до палатата

Точка

02/07/2025

19:04

903

Големина на фонт

а а а

Понте Векио, односно „Стариот мост“ во Фиренца, преживеал војни, поплави, урбано ширење и милиони чекори што минувале по него низ речиси 700 години. Неговата бледожолта, малку овехната фасада, „измиена“ од тосканското сонце, претставува еден од највпечатливите симболи на Фиренца.

Кога би можеле мостовите да зборуваат, Понте Векио би раскажал илјадници приказни – од тоа како бил единствениот мост што не бил уништен за време на Втората светска војна, до големата поплава од 1966 година која сериозно го оштетила

Од есента 2024 година, овој легендарен мост влезе во ново поглавје – започна најголемата обнова откако бил изграден, која ќе трае до летото 2026. Совршена прилика да се потсетиме зошто е толку посебен и зошто е неизбежна станица за секој што ја истражува Тоскана и Фиренца.

Трговиите се отваралe на мостот за да се избегне данок

Понте Векио, сместен во срцето на Фиренца, е препознатлив по уникатната архитектура и богата историја. Се смета за едно од најголемите достигнувања на европското средновековно инженерство и најстар сводест мост во Европа. Го премостува реката Арно и го поврзува историското јадро на градот со шарената населба Олтрарно.

Посебноста на мостот дополнително ја нагласува горната галерија, што ја поврзува славната галерија Уфици со палатата Пити – поранешна резиденција на семејството Медичи.


Она што му дава посебен шарм на Понте Векио се продавниците што се наоѓаат на самиот мост – традиција што трае со векови. Во минатото таму имало месарници и рибарници, но денес мостот блеска со златарници и продавници за накит. Иако на прв поглед изгледа необично местото за бизнис, историскиот контекст е клучен: се верува дека продавниците на мостот не подлежеле на плаќање данок, бидејќи се наоѓале на „ничија земја“. Таа поволност довела до создавање трговска традиција што се задржала до денес.

Отворен во 1350 година – гордо стои и денес

На местото каде што се наоѓа мостот постоел природен премин уште во времето на Римјаните, иако нема зачувани материјални докази. Првиот писмен доказ за мостот датира од 10. век и се однесува на дрвена конструкција, која била слаба и краткотрајна. Била уништена во големата поплава во 1117 година, по што бил изграден посилен камен мост, но и тој бил разрушен околу 200 години подоцна.

Конечно, во XIV век, се пристапило кон сериозна и промислена изградба: работите започнале во 1345 година, а мостот бил завршен пет години подоцна – оставајќи ѝ на Фиренца една од своите најголеми знаменитости.


Иако не е сосема јасно кој точно го проектирал денешниот изглед на мостот, едно е сигурно – кој и да бил, направил мајсторско дело. Понте Векио бил изграден според прецизни математички пропорции, со примена на тогаш модерни техники и издржливи материјали, што му овозможило извонредна стабилност и долговечност.

Војводата од Медичи ги избркал месарите поради смрдеата

Во 16 век, војводата од Медичи ги избркал месарите поради смрдеата и го претворил мостот во улица на златарите.


Естетиката на мостот не била занемарена. Неговите препознатливи лакови се не само архитектонска убавина, туку имаат и суштинска потпорна функција. Четирите кули што го опкружуваат, порано служеле за одбрана. Во негова близина се наоѓале најзначајните згради и резиденции на аристократијата.

Токму поради тоа, крајот на 16. век донел важна промена: војводата од семејството Медичи, чија палата се наоѓала веднаш до мостот, одлучил да ги исели месарите и кожарите поради неподносливиот мирис што стигнувал до неговиот дом. Наместо нив, просторот им го препуштил на златарите и занаетчиите, кои и денес ја красат оваа историска структура.

Почна најголемата обнова досега – мостот ќе засвети во нов сјај

Овој безвременски симбол на Фиренца, Тоскана и цела Италија, во есента 2024 година влезе во својата најголема реконструкција од денот кога бил изграден. Иако низ вековите мостот редовно се одржувал, ова е првата сеопфатна реставрација и темелно чистење, објави Си-ен-ен.


Во Фиренца тоа веќе е прогласено за историски момент. Реставрацијата е исклучително сложена, а по неа, мостот треба повторно да заблеска во својата полна убавина. Планираните работи опфаќаат чистење на целата конструкција од наталожени алги, мов, лишаи, плевел, но и од траги на хемикалии што реката Арно ги оставила на каменот во текот на вековите.